Линкови за пристапност

Нова ескалација на насилство во предизборната кампања во Македонија   


Лидерот на ДУИ Али Ахмети во јавноста истапи со тврдење дека е направен обид за атентат врз него:

- Откако добив предупредување дека ситуацијата навистина станува сериозна, побарав од сите луѓе кои што беа со мене, моите соработници, да бидат уште повнимателни за да не дозволиме било што да се случи. Откако престанаа пукотниците, го напуштив штабот. Влегов во моето возило и тогаш започна еден голем рафален истрел што доаѓаше од позади. Но, сакаше Господ, јас преживеав, веројатно и поради самото возило. Во овој инцидент е рането едно дете. Ние ги знаеме сторителите или авторите на оваа дело, но, ги знаат и државните институции, ги знаат и претставниците на меѓународната заедница. Станува збор за добро познати лица, вели лидерот на ДУИ Али Ахмети.

Од полицијата ниту потврдуваат, ниту демантираат дека се случил ваков инцидент и го повикуваат Ахмети да го пријави случајот во МВР. На инцидентот му претходеа два други. Со рачни фрлачи беа демолирани штабовите на ДУИ во Теарце и Џепчиште. Се пукало со автоматско оружје кон штабовите на ДУИ и во тетовската населба Дреновец, како и во штабот на оваа партија во Групчин.

Во ДПА ги отфрлија обвинувањата кои на нинва сметка ги упатија од штабот на ДУИ.

- Ако во историјата на Албанците имаше некогаш хаос, стотици убиства, насилства на слободниот глас, тоа било во периодот кога владееја ДУИ и СДСМ. Затоа, секое обвинување што доаѓа од нивна страна, ДПА го отфрлува, вели Феџри Сељами, портпарол на Изборниот штаб на ДПА.

Ескалацијата на насилството наиде на осуда од САД и ЕУ:

- Таквите инциденти се навистина загрижувачки, затоа што секој еден куршум што е испукан, всушност е куршум насочен против многу нешта. Во 2006-тата вакви инциденти имало, меѓутоа две години подоцна очекуваме државата да има поголема зрелост за организирање избори, што всушност ќе бидат фер и демократски, изјави Ерван Фуере, амбасдфор на ЕУ.

Осуда пристигна и од Амбасадата на САД:

- Во демократскиот процес нема место за насилство и застрашување. Им препорачуваме на властите во Македонија да ги истражат овие инциденти и кривично да ги гонат извршителите согласно законот, се вели во реакцијата на Амбасадата на САД.

За само два дена официјална кампања, билансот е осум оштетени штабови на ДУИ во тетовско-гостиварскиот регион, една уништена дискотека, како и повеќе физички пресметки меѓу активисти, поради поставување на знамиња и на друг пропаганден материјал.

XS
SM
MD
LG