Интервју со Томи Танев, почесен конзул на Република Македонија во Колумбус, Охајо
Адвокатот Томи Танев, идниот почесен конзул на Република Македонија во Колумбус, американската сојузна држава Охајо смета дека на Македонија и` е потребна поголема лоби-група која поактивно ќе ги застапува државните интереси.
46-годишниот Танев вели дека татко му велел никогаш да не заборави од каде потекнува. Тој е еден од 20.000-те македонски Американци кои живеат во Охајо. Според него, македонската заедница во градот политички е слабо организирана, но најмногу поврзана преку црквата. Луѓето се зафатени со секојдневните обврски и немаат време за политички ангажман, вели Танев:
- Јас сум активен во локалната политика на Колумбус, Охајо. Македонците мора да се поактивни на политички план за добробитта на Македонија и односите меѓу САД и Македонија.
Македонците и Грците во Охајо се добри пријатели и како две заедници во градот отсекогаш имале добри релации, вели Танев, коментирајќи ги случувањата по Самитот на НАТО во Букурешт:
- Многу ресторани и бизниси чии сопственици се Грци вработуваат Македонци. Грците им дале можност на Македонците кои дошле во оваа земја, без познавање на англискиот јазик и без работа, да застанат на нозе. Грчката заедница има подадено рака.
Кој од претседателските кандидати е најдобар избор за Македонија да влезе во Белата куќа по завршувањето на мандатот на претседателот Буш?
- Јас сум пристасен затоа што сум интензивно вклучен во политиката на Републиканската партија изминативе 25 години во Охајо. Македонија ќе има најмногу придобивки ако во Белата куќа остане републиканец.
Танев смета дека сенаторот Џон Мекејн има најго лемо искуство во надворешната политика и важи за одличен познавач на состојбите на Балканот и во НАТО. Сепак, додава тој, независно кој ќе победи - не очекува промена во надворешната политика кон Македонија.
Танев планира да ги искористи бројните политички контакти за поддршка на промакедонски резолуции, како и да се насочи на промовирање на културата, уметноста, туризмот и трговијата меѓу Македонија и сојузната држава Охајо.