Стотици возачи на камиони протестираа во центарот на Вашингтон поради високите цени на горивото. Блокирајќи го накусо сообраќајот и огласувајќи ги сирените, коновојот возила вчера мина низ американскиот главен град, свртувајќи го вниманието на се` поскапото гориво. Американското автомобилско здружение (ААА) соопшти дека на национално ниво, еден литар бензин чини 95 центи, за разлика од минатата година, кога тој чинеше 77 центи. Еден литар дизел во просек изнесува 1 долар и 11 центи, повеќе од цената лани - 95 центи. Американскиот претседател Џорџ Буш во петокот изрази надеж дека даночното враќање во вид на чек за голем број Американци, што е дел од владиниот пакет економски стимуланси, а што започна денеска, ќе помогне како надоместок за покачените цени на бензиските пумпи и во продавниците, и дека ќе ја стимулира економијата.