Официјални лица и сведоци велат дека се слушнале истрели од огнено оружје кога националната химна привршувала и гостите требало да седнат на своите места на церемонијата во центарот на Кабул. Стотици лица, вклучувајќи и високи владини претставници и политичари кои присуствувале на прославата биле видени како се обиделе да се задолнат од истрелите.
Претседателот Хамид Карзаи, министри од кабинетот, парламентарци, странски дипломати и армиски команданти веднаш биле евакуирани од местото каде избувнала престрелката. Господинот Карзаи подоцна се појавил на националната телевизија да апелира за смирување. Авганистанскиот претседател нападот го опишал како дело на непријателите на авганистанската безбедност и напредок. Тој додал дека армиските сили брзо ги опколиле, и уапсиле некои од осомничените.
Талибанските бунтовници ја презеле одговорноста за нападот велејќи дека господинот Карзаи бил целта. Портпаролот на групата вели дека тројца од шест борци инволвирани во нападот биле убиени. Останатите избегале.
Обидот за атентат се случил и покрај обезбедувањето без преседан на воената парада, со која се одбележал падот на владата на авганистанските муџахедини поддржана од Советскиот сојуз, пред 16 години. Портпаролот на министерството за одбрана вели дека сите членови на кабинетот и странски дипломати, вклучувајќи го и американскиот амбасадор во Кабул и американскиот командант на меѓународните сили во Авганистан се безбедни и добро.
Претседателот Карзаи преживеа неколку обиди за атентат откако дојде на функцијата по соборувањето на Талибан од власт од страна на меѓународната коалиција предводена од САД кон крајот на 2001.
Бунтовниците на Талибан изведуваат чести напади на локални странски безбедносни сили и ветуваат интензивирање на нападите годинава со цел да ја соборат од власт владата на Карзаи и да ги истераат странските сили од Авганистан.