Линкови за пристапност

Милошоски-Миликен


- Разговаравме и за учеството во мисиите во НАТО, како што е во Авганистан и заедничкото учество во Босна и Херцеговина, каде и Македонија и Канада и натаму ќе продолжат да го даваат својот придонес, изјави министерот за надворешни работи Антонио Милошоски по денешната средба со спикерот на Долниот дом на канадскиот Парламент Питер Миликен.

Според Милошоски, "Македонија и Канада географски се многу далеку една од друга, но сепак во однос на основните вредности на општеството и демократијата се многу блиски земји".

Гостинот Миликен потенцираше дека во канадскиот парламент Македонија има голема поддршка, дека постои разочараност затоа што Македонија не доби покана за членство во НАТО на Самитот во Букуреш, како и желба за нејзино зачленување во скоро време. Според Миликен, Канада и понатаму ќе ја поддржува Македонија за членство во НАТО. Милошоски, пак, рече дека Македонија длабоко ќе ја цени таквата поддршка, како и дека двете земји споделуваат една основна заедничка вредност – обете се мултикултурни општества и функционални демократии кои докажуваат дека мултикултурниот состав може да биде предност и богатство за една земја. Миликен особено ја истакна воената соработка меѓу двете земји, низ која се спроведува и обука на македонски офицери во канадски колеџи, како и фактот дека македонско-канадската соработка е многу важен елемент заради големиот број Канаѓани кои имаат македонско потекло.

Член на канадската делегација е и Луј Темелкоски, единствениот пратеник со македонско потекло во парламентот на Канада. Тој денес потенцираше дека Македонците во дијаспората им изразуваат подршка на македонските политичари кои го застапуваат ставот за неменување на името, како и дека тој како член на парламентот ќе продолжи да и` помага на родната земја.

XS
SM
MD
LG