- Конечно, Владата на Република Македонија го сврте вниманието кон проблемите во образованието, науката и културата и очекуваме наредната влада по претстојните избори да го продолжи тој пат, изјави претседателот на Синдикатот за образование, наука и култура Дојчин Цветановски по денешната средба со македонскиот премиер Никола Груевски.
Како дел од консултативните средби што ги има како лидер на досега владејачката ВМРО-ДПМНЕ за подготвка на изборната програма на партијата за претстојните парламентарни избори на 1-ви јуни, премиерот Груевски се сретна со претставници на независната Конфедерација на слободни синдикати. Меѓу нив беше и Цветановски, кој потенцираше дека се решени значајни прашања во образованието, културата и науката и дека владата на Груевски конечно го свртела вниманието на проблемите во овие области.
Груевски, пак, кој во својство на лидер на ВМРО-ДПМНЕ вчера имаше средба и со претставници на Сојузот на стопански комори на Македонија, денешната средба со синдикалците ја оцени како корисна. Според него, на неа биле изложени интересни идеи и значаен дел од нив ќе бидат преточени во изборната програма на партијата. На денешната средба теми биле најактуелните прашања во образованието, науката и културата, како последиците на фискалната децентрализација, доцнењето на платите во некои единици на локалната самоуправа, потпишувањето на новите колективни договори, вработувањата и друго.
- ВМРО-ДПМНЕ очигледно дека ќе има успех на овие избори, ќе состави нова влада и таа програма ќе стане владина, така што исклучително е важно таа програма да е добра, квалитетна и да ги содржи решенијата на многу проблеми, изјави Груевски по средбата со претставниците на Конфедерацијата на слободни синдикати.