Линкови за пристапност

Црвенковски го информира Бан Ки Мун за прекршувањето на Привремената спогодба од страна на Грција


Претседателот Бранко Црвенковски бара од генералниот секретар на ОН да го запознае Сoветот за безбедност и членките на ОН дека Грција со ветото за примеот на Македонија во НАТО ја прекршила Привремената спогодба, потпишана во 1995 година.

-И покрај целата апсурдност на прашањето, Република Македонија активно, конструктивно и посветено партиципира во процесот што се одвива под покровителство на ООН, со медијаторство на Вашиот личен пратеник, амбасадорот Метју Нимиц. Притоа, Република Македонија доследно ги почитува преземените правни обврски и истовремено ја потврдува својата конструктивност со повеќето предлози и отстапки сторени во текот на овој долгогодишен процес. За жал, другата страна не ја покажува истата посветеност кон превземените обврски, што се потврди со неодамнешното флагрантно кршење на членот 11 од Привремената спогодба, се вели во писмото на Црвенковски до Бан Ки Мун.

Шефот на македонската држава го посочува членот од Спогодбата според кој Грција е правно обврзана да не приговара на пријавата за членство или на членството на Макеоднија во меѓународни, мултилатерални и регионални институции и организации, во кои Грција е членка, иако Грција го задржува правото на приговор доколку во таквите организации и институции на Македонија и се обраќаат поинаку од наведеното во резолуцијата на Советот за безбендост на ОН, односно БЈРМ.

-И покрај ваквата обврска, на НАТО Самитот во Букурешт, Грција приговори на нашата покана за прием во НАТО, условувајќи ја истата со претходно постигнување на взаемно прифатливо решение за разликата за името на Република Македонија, со што директно го повреди наведениот член, вели Црвенковски во писмото.


Ова според македонскиот претседател, е грубо кршење на обврските на Република Грција од Привремената спогодба, и повреда на еден од основните принципи на меѓународното право.

-Тоа пак го загрозува и сериозно се поткопува договорениот процес во член 5 од Привремената спогодба, како и принципите од Повелбата на ОН. Едновремено, Република Македонија смета дека ваквото однесување на Република Грција може да предизвика и далекусежни дестабилизирачки последици во регионот на југоисточна Европа.

На крајот од писмото до генералниот секретар на Светската организација Бан Ки Мун, претседателот Црвенковски го информира за протестот што Македонија го упати до Грчката Влада за прекршувањето на Привремената спогодба, каде е укажано и на евентуалните последици.



XS
SM
MD
LG