Линкови за пристапност

САД и Македонија на 7-ми мај во Вашингтон ќе потпишат билатерален воено-технички договор


Глас на Америка на македонски: Какво е чувството во Вашингтон по одлуката во Букурешт и отфрлањето на македонската кандидатура?

Јолевски: Во Вашингтон жалат што Република Македонија не доби покана за членство на Самитот во Букурешт, меѓутоа се надеваат дека проблемот со разликите околу името ќе се реши што е можно побрзо и дека земјата ќе добие членство.

Глас на Америка на македонски: Македонија не доби покана за членство во НАТО поради грчкото вето. Кои се следните чекори?

Јолевски: Ние продолжуваме со преговорите во кои е вклучен посредникот Метју Нимиц. Се разбира дека и по вонредните избори ќе продолжиме со спроведување на реформите, бидејќи како што истакна премиерот Груевски, реформите ги правиме за добробит на нашите граѓани, но и за членство во НАТО.

Глас на Америка на македонски: Од разговорите со американската администрација – дали таа ќе остане инволвирана во преговорите за името со ист интензитет како и пред Самитот?

Јолевски: Во основа на слушнатото во Букурешт, Загреб па и во Вашингтон по моето враќање, САД се заинтересирани за надминување на проблемот со Грција и за тоа Македонија да добие што е можно побргу покана за членство во Алијансата. Тоа е дел од стратегијата на САД за регионот – Македонија, Хрватска и Албанија да влезат во НАТО. Косово доби веќе независност, а Србија и Црна Гора, како и Босна и Херцеговина да ги кренат односите со НАТО и ЕУ на едно скалило повисоко. Претседателот Буш смета дека со тоа дека целиот регион ќе се стабилизира.

Глас на Америка на македонски: Американската администрација најави дека ќе потпише билатерален воено-технички договор со Македонија со кој, на некој начин, ќе ја гарантира безбедноста на земјата. Што може да се очекува од него?

Јолевски: Договорот ќе биде потпишан на 7-ми мај меѓу македонскиот министер за надворешни работи Антонио Милошоски и државниот секретар Кондолиза Рајс во Вашингтон. Во моментов не можат да говорам за деталите затоа што преговорите за усогласување на точките се во тек меѓу МНР и Стејт департментот. Од американска, но и од наша страна се вклучени повеќе институции и правни лица и експерти со цел договорот да биде правно издржан.

Глас на Америка на македонски: Како може да се одразат предвремените избори во Република Македонија на преговарачкиот процес?

Јолевски: Според она што беше соопштено од Скопје и од проценките на американската администрација, предвремените избори нема да имаат посериозно влијание врз преговарачкиот процес. Ако се најде некоја прифатлива опција за обете страни, може да се постигне решение. Кога имате преговори битно е и двете страни - во случајов Грција - да покажат флексибилност за да се најде заемно прифатливо решение.

XS
SM
MD
LG