Линкови за пристапност

Црвенковски- Келер:  компромис за решавање на спорот со Грција


Македонија е подготвена за компромис за решавање на спорот со Грција со што ќе се отворат перспективите за интеграција на земјата во НАТО и ЕУ, изјави претседателот Бранко Црвенковски. Тој сепак смета дека по самитот на НАТО во Букурешт, Македонија треба да редефинира дел од пристапот во преговорите, но не и целите.

- Да се обидеме навистина овојпат не да ја придобиваме поддршката на сите страни, туку да дојдеме до некаков компромис со Грција. Не знам дали тоа ќе се случи, не зависи тоа само од нашиот пристап, туку и од нивниот пристап, изјави Црвенковски по средбата со германскиот претседател Хорст Келер кој се наоѓа во дводневна посета на Македонија.

Црвенковски му предочил на Келер дека Македонија е подготвена за компромис, но само доколку за тоа постои волја и од другата страна. Македонија не прифаќа диктат, рече Црвенковски.

- Република Македонија и покрај распишаните предвремени парламентарни избори е подготвена да учествува посветено, искрено и конструктивно во преговорите, се со цел да се дојде до решение на овој спор. Република Македонија е подготвена за компромис под услов тоа да е фер компромис. Република Македонија не е подготвена да прифати ничиј диктат.

Германскиот претседател, кој во Скопје пристигна во рамки на неговата турнеја на Балканот, смета дека грчката страна сега треба да покаже подготвеност за компромис, бидејќи интересот на Европа е ова прашање конечно да се затвори.

- Од оваа позиција, апелирам пред се` до грчката Влада и таа да изрази поготвеност за компромис за да може за неколку месеци и за овој спор да кажеме дека е зад нас.

Келер во Скопје со македонскиот државен врв разговараше и за претстојните избори, вети германска поддршка во евроинтеграциите, како и поголема економска соработка.

XS
SM
MD
LG