Метју Нимиц во Скопје дојде без нов предлог, а за Атина заминува задоволен од она што го чул од македонското државно раководство.
По средбите со македонскиот претседател Бранко Црвенковски и со премиерот Никола Груевски, посредникот во македонско- грчките преговори за уставното име
изјави дека добил позитивен сигнал и оти нов предлог ќе има кога ќе смета дека е вистинско време.
- Добив единствена порака од државното раководство дека се подготвени да продолжат понатаму со преговорите, со надеж дека овој проблем ќе остане зад нас. Без разлика што се распишани избори, Владата е подготвена да преговара во текот на овој период, што за мене е многу позитивен знак.
Оттука заминувам за Атина за да им го пренесам ова и да пронајдеме механизам да ги помрднеме работите напред, рече амбасадорот Нимиц. Потенцираше дека сега нема ништо да предлага - тоа ќе го стори кога ќе смета дека е вистинско време.
- Бидејќи преговараме со години, позициите се добро познати. Потребна ни е формулација која ќе биде прифатлива за оваа земја, се работи за вашето име и мора да бидете задоволни со него, но другите исто така треба да го прифатат. Знаеме дека не само луѓето овде сакаат прашањето да се реши, туку и сите во регионот го посакуваат истото. И, знаеме од Букурешт дека поголем дел од европските земји и САД сметаат дека ова треба да се заврши, за да може регионот да продолжи понатаму. Ова прашање го забавува прогресот што може да се направи, и има големи ризици доколку не се затвори.
Нимиц не сакаше да одговори на прашањето дали другата страна го признава македонскиот идентитет. Ова не е прашање на идентитетот, туку на името. Никој не го доведува во прашање идентитетот на народот во оваа земја, рече Нимиц.