Линкови за пристапност

Маљас:  Сега топката е во рацете на нашите добри пријатели во Скопје


Дискутантите ја истакнаа помошта на Грција за земјите во регионот и улогата на инвеститор број 1. Според нив, Албанија има економски растеж од 9-10 проценти во најголем дел како резултат на инвестициите од Грција. Според грчкиот амбасадор во Вашингтон Алксандрос Маљас, Грција е движечка сила на Балканот, затоа што странските инвеститори најчесто преку и поради неа се присутни во регионот, кој изминатата деценија беше зафатен со крвави конфликти и политички кризи.

Потребно е решение на сите отворени прашања меѓу соседите – за заедничка иднина во ЕУ, рече Џон Ситилидис, раководител на проектот за Југоисточна Европа при Институтот Вудроу Вилсон:

- Мислам дека е во интерес, не само на Грција и на Република Македонија, туку и на НАТО, земјата да стане членка што е можно побргу. Важно е границите на земјата да бидат консолидирани и почитувани, и да се сочува неповредливоста на уставот против какви и да се радикални етнички-албански малцинства што би можеле да го искористат ова како вовед за нови барања за посебни права и во основа да се уништи општественото ткиво на земјата.

Независно дали одлуката на НАТО во однос на Македонија во Букурешт е фер или не, вели Ситилидис, така функционира Алијансата – секоја членка има право на вето. Ако не се реши прашањето за името на обострано прифатлив начин, Ситилидис стравува дека процесот ќе биде замрзнат на сечија штета.

- Мислам дека никој не ја исклучил поранешната југословенска република Македонија од членство, туку напротив, ја поканивме да го реши прашањето со името, а потоа да и` се приклучи на Алијансата. Сега топката е во рацете на нашите добри пријатели во Скопје. Не ја гледам вратата затворена, туку широко отворена, кажа грчкиот амбасадор Маљас на прашање на Гласот на Америка на македонски за евентуалната нестабилност на Балканот по грчкото вето.

Според Маљас, за Грција последниот предлог на посредникот Метју Нимиц – Република Македонија - во заграда - Скопје не е конечен. Маљас оцени дека признавањето на Уставното име на Република Македонија од актуелната американска администрација е грешка, при што изрази надеж дека тоа може да се промени.

XS
SM
MD
LG