Македонија останува во преговорите, независно што во земјата ќе се одржуваат предвремени парламентарни избори. Ова ќе биде пораката што во четврток во Скопје посредникот во македонско-грчките преговори за разликите во однос на уставното име Метју Нимиц ќе ја чуе од македонското државно раководство.
Тоа е и суштината на кусото соопштение од вчерашните консултации на претседатлот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и преговарачот Никола Димитров за настапот на Македонија во следните рунди преговори.
Дебатата била конструктивна и раководството има единствен став, без спротивставени страни, онаков каков што бил постигнат и на минатонеделната лидерска средба.
Не се очекува амбасадорот Нимиц во Скопје да донесе нов предлог. Тој ќе ги слушне ставовите на двете страни за иднината на преговорите. Наводно, македонската страна ќе инсистира да се утврди статусот на последниот негов предлог во преговарачкиот процес и ќе се сугерира базата да биде токму предлогот Република Македонија (Скопје).
Портпаролот на Владата Ивица Боцевски на почетокот на неделава изјави дека ставот на Република Македонија е непроменет:
- Името Македонија ние оставштина од нашите претци и ние тоа име ќе им го оставиме и на идните генерации, рече тој.
Од Скопје Нимиц ќе замине за Атина на средби со грчкото раководство.