Линкови за пристапност

Консултации на државниот врв по повод посетата на Нимиц


Македонскиот државен врв попладнево одржа консултации во врска со македoнската позиција во преговoрите со Грција за уставното име, по недобивањето покана за членсто во НАТО, како резултат на грчкото вето. Претседателот Бранко Црвенковски, премиерот Никола Груевски, министерот за надворешни работи Антонио Милошоски и македонскиот преговарач Никола Димитров во Кабинетот на претседателот на државата имаа средба на која, како што беше соопштено, разговарале по повод утрешната посета на медијаторот Метју Нимиц на Скопје.

Посетата на Нимиц ќе биде во функција на информирање за ставовите на македонската страна, по што тој заминува во Атина.

- Клучната порака што ќе му биде пренесена на утрешната средба на медијаторот Нимиц е дека и покрај парламентарните избори, преговорите за расликите околу името продолжуваат. Тоа е став договорен меѓу партиите на лидерската средба одржана минатата недела, се вели во соопштението од Кабинетот на Црвенковски.

Претходно, премиерот Груевски го критикуваше преговарачот Димитров за изјавите во врска со македонската позиција во преговорите:

- Невообичаено е сред преговори главниот преговарач да излезе да се исповеда што и како размислува, да дава оценки, да кажува во каква позиција сме и како тој тоа го чувствува, кој згрешил и кој не згрешил. Тоа се негови лични чувства, како тој ги гледа работите од негов агол, но мислам дека е неумесно сред преговори без консултација со мене лично како директен учесник во сите работи да го прави тоа. Мислам дека тоа му беше една грешка што ја направи.

Груевски не сакаше да каже која ќе биде позицијата на Македонија во продолжението на преговорите, поради новонастанатата ситуација по Самитот во Букурешт:

- Ако го кажам тоа сега, треба да бидам како нашиот преговарач, така што дозволете позициите да ги зачуваме, рече Груевски.

Амбасадорот Димитров во неколкуте интервјуа деновиве изјави дека независно од изборите, Македонија треба да настапи со државна, национална и натпартиска платформа, во која суштината ќе биде зачувување на идентитетот, без кој, како што рече, ќе имаме држава-членка на НАТО и на ЕУ, но без идентитет и без иднина.


XS
SM
MD
LG