Папата говореше повеќе за демократијата отколку за религијата во обраќањето до домаќинот- претседателот Буш и гостите на синоќешната раскошна церемонија во Вашингтон. Тој подвлече дека САД биле широкогради во задоволување на светските хуманитарни потреби и рече дека дипломатијата е одговорот за решавање на несогласувањата:
-Убеден сум дека оваа грижа за поширокото човеково семејство ќе продолжи да наоѓа израз во поддршка на трпеливите напори на меѓународната дипломатија за решавање на конфликтите и промоција на прогресот.
Претседателот Буш говореше за верската слобода и алудираше на своето и противењето на Католичката црква на абортусот. Тој рече дека во контекст на тероризмот денес, на Американците им е потребна пораката на Папата дека секој човечки живот е свето нешто:
-Во свет каде некои се повикуваат на Бога за да оправдаат чинови на тероризам, убивање и омраза, ни треба вашата порака дека Господ е љубов. Прифаќањето на оваа љубов е најсигурниот начин луѓето да се спасат и да не потпаднат на учењата на фанатизмот и тероризмот.
Подоцна на средба во четири очи тие говореле за светските конфликти и за борбата против сиромаштијата и глобалните заболувања. Папата се обрати и пред 300 американски бискупи во базилика во Вашингтон.
Ова е само втора посета на еден папа на Белата куќа. Околу девет илјади гости присутни на церемонијата, меѓу кои и владини министри, калуѓерки и свештеници, синоќа спонтано запеаја „Среќен роденден“ на Папата Бенедикт кој вчера наполни 81 година. За време на шестдневната посета на САД, тој ќе одржи миси на отворено, ќе говори во ОН и ќе го посети местото каде се наоѓаа кулите-близначки на Светскиот трговски центар што беа срушени во терористичките напади на 11-ти септември 2001-ва година.
Папата е и пред предизвик да се осврне на случаите на сексуална злоупотреба на деца од страна на римокатолички свештеници ширум САД. Црквата плати две милијарди долари во отштета за жртвите на злоупотребата и острани стотици свештеници. На пат за САД, Папата изјави дека чувствува длабока срамота поради скандалот.