Линкови за пристапност

Амнести интернешенал: Во светот сеуште има премногу  егзекуции


Амнести ја идентификува Кина како земја на најголем број егзекуции. Од организацијата велат дека најмлку 470 лица се егзекутирани во 2007-ма, иако предупредуваат дека реалната цифра е несомнено многу повисока. Пиерс Банистер од групата за заштита на човековита права објаснува:

-Во Кина и други држави смртната казна е класифицирана како државна тајна заради што никој не го знае точниот број на луѓе врз кои е извршена оваа казна во Кина и други земји како Монголија, Виетнам, затоа што владите не обелоденуваат. Затоа ги предизвикуваме тие земји, особено Кина, која ќе биде домаќин на светот со Олимписките игри, да бидат искрени и да соопштат колку луѓе осудуваат на смрт секоја година.

Иран, Саудиска Арабија, Пакистан и САД ја комплетираа листата на земји во светот каде се извршени најмногу егзекуции во 2007-ма. Во овие земји се извршени 88 отсто од сите регистрирани егзекуции. Само во САД се извршени 42 погубувања.

Многу земји, соопшти Амнести, егзекутираат лица за дела кои вообичаено не се сметаат за криминал, или по нефер судски процедури. Се наведува пример со човек кој бил каменуван до смрт за прељуба. Во Северна Кореја, менаџер на фабрика бил застрелан од стрелачки вод затоа што одбил да даде информации за потеклото на семејството, за парите инвестирани во фабриката, за поставување на своите деца за менаџери и затоа што направил меѓународни телефонски разговори.

Банистер од Амнести вели дека покрај ратификувањето на Конвенцијата за правата на децата, Иран, Саудиска Арабија и Јемен, продолжија со егзекуција на луѓе за дела кои ги извршиле кога биле под 18-годишна возраст.

Амнести интеренешенал е против смртната казна за било кое злосторство и спроведува кампања за неговата аболиција.

Минатата година, Генералното собрание на ОН гласаше со 104-54 за ставање крај на егзекуциите, што според Банистер е јасен знак дека има расположение за промени во реалноста, но признава дека се уште има отпор:

-Многу држави како Боцвана, Виетнам, и Кина решително се против било кое придвижување во тој правец, иако мнозинството земји во светот не извршуваат егзекуции. Важно е да се напомене дека само 24 земји лани извршиле смртни казни, што значи дека во светот тоа не е правило. Во Јужна и Северна Америка – само САД извршуваат погубувања. Во Европа, само Белорусија извршува егзекуции. Во 52 земји во Африка, само седум извршуваат смртни казни. Иако светот победува против смртната казна, се уште гледаме многу егзекуции.

Амнести го смета одземањето човечки живот од страна на државата како најдрастичен акт што може да го преземе. Ги повикува сите влади да ги почитуваат обврските од ОН и да ја укинат смртната казна.

XS
SM
MD
LG