Линкови за пристапност

Купчан: Несреќен исход што Македонија не стана членка на НАТО


Чарлс Купчан, професор по меѓународни односи на Универзитетот Џорџтаун за Гласот на Америка говорише за најновиот развој на настаните за време и по Самитот на НАТО во Букурешт, во релација со Македонија:

„Мислам дека е несреќен исход што Македонија не беше вклучена на начин како што беа Албанија и Хрватска. Македонија заврши добра работа излегувајќи од поранешна Југославија без насилство кога многу други делови беа зафатени со крвопролевање. Македонија придонесе за стабилноста на регионот. Сега изгледа дека заради отцепувањето на Косово од Србија има обновена загриженост за регионот. Не знаеме што ќе се случи на мајските избори во Србија. Може да се појави режим што ќе биде одбивачки и ќе сака да создава нови проблеми. Ми се чини дека ова беше добар момент да се даде знак на регионот што ќе помогне да се промовира стабилноста“, изјави Купчан, додавајќи:

„Не мислам дека ова е трајно одбивање на вклучувањето на Македонија во Алијансата. Тоа е само привремено одложување додека Грција и Македонија и пошироката НАТО заедница не најдат начин да се надмине ова горливо прашање за името на државата“.

За Купчан, Косово е поголем дестабилизирачки фактор од Македонија. „И на некој начин“, вели тој, „тоа што се случи со Косово оди во прилог на Македонија. Некои стравуваат дека осамостојувањето на Косово ќе поведе кон движења за осамостојување на делови од Македонија каде населението е главно (етнички) албанско. Лично верувам во спротивното. Ако го смирите полетот на екстремисичките движења таму - тие нема да ја минат границата да предизвикуваат неволји во Македонија. Но, на долгоречен план, Македонија сеуште има голема работа пред себе. Таа има големо и растечко етнички албанско малцинство кое допрва треба да биде внесено во општеството. Но, тоа е одвоено прашање од она што се случува на север - во Косово и Србија“, оцени професорот по меѓународни односи при Универзитетот Џорџтаун во Вашингтон.

XS
SM
MD
LG