Линкови за пристапност

Фондација Херитиџ: Пост-Букурешт


Курт Вокер, помошник-заменик државен секретар за европски и евроазиски прашања во Стејт департментот и иден амбасадор на САД во НАТО, и британскиот парламентарец Лиам Фокс, министер за одбрана во сенка на Велика Британија - во вашингтонската Фондација Херитиџ говореа за периодот пост-Букурешт – НАТО и иднината на трансатланската Алијанса. Со свои коментари и за одложувањето на покана за членство за Македонија:

Курт Вокер се осврна на одложувањето на покана за Македонија на Самитот на НАТО во Букурешт, која покрај Албанија и Хрватска, ги исполни критериумите за членство, но сепак грчкото вето поради нерешениот спор за разликите околу името ја спречи да биде примена во безбедносниот клуб. Тој уште еднаш ја изрази поддршката на САД спрема Македонија:

-Ова прашање не требаше да ја спречи Македонија да добие покана за членство и НАТО јасно стави до знаење дека Македонија е подготвена и штом ќе биде пронајдено решение за името – ќе и ја врачат поканата за влез во Алијансата, истакна Вокер.

Вокер изрази надеж дека преговорите меѓу Македонија и Грција под покровителство на ОН ќе продолжат и набргу ќе биде пронајдено решение.

И Лиам Фокс, министер за одбрана во сенка на Велика Британија смета дека треба да се размислува за подобрување на регионалната стабилност, а не за нејзино нарушување. За одложувањето на поканата за за Македонија за НАТО, вели:

-Со невклучувањето на Македонија е пропуштена огромна шанса. Несогласувања околу името да стојат на патот на регионалната безбедност е голем срам. Треба да се стори се што е можно за да се постигне брзо решение зашто плаќаме висока цена за нешто што за нас е релативно неважно прашање, смета Фокс.

Обајцата се согласија дека НАТО и во иднина треба да има водечка улога во зајакнување на безбедноста во Европа. Глобалниот тероризам и пролиферацијата на оружје и начинот со нивно справување - се новите предизвици за Алијансата во 21-от век.

XS
SM
MD
LG