Линкови за пристапност

Ирак бара нанатамошен американски ангажман


Генералот Петреус рече дека токму поради променливоста на ситуацијата во Ирак на претседателот Буш му рекол оти најрано до септември, не би носел одлуки дали ќе има натамошно намалување на бројот на американските трупи, за да не се загрози досегашниот политички напредок во земјата:


-На одговорните во командата им предложив да продолжиме со повлекување на копнените сили од Ирак, но по заминувањето на последната бригада во јули, да направиме пауза од 45 дена за дополнителна евалуација и консолидирање на силите. При крајот на тој период, ќе отпочнеме процес на проценка на условите на теренот и со тек на време ќе одлучиме кога би предложиле натамошно повлекување на војниците.



Некои членови на Сенатската комисија за вооружени операции, се спротиставија на предложената пауза, но генералот Петреус истакна дека му е потребно време да направи проценка на влијанието од повлекувањето на една четвртина од американскаите копнени сили и дека секое натамошно повлекување мора да биде базирано на актуелната состојба на теренот:


-Точно е дека воените операции резултираа со напредок, но тој напредок е променлив. Ирачките безбедносни сили ги зајакнаа своите способности, но треба и натаму да се усовршуваат. Повлекување на многу војници премногу брзо може да го загрози постигнатиот напредок во изминатава година.


Тој не противречеше на предлогот на еден сенатор дека можно е паузата за повлекување да потрае и неколку месеци. Генералот сепак се спротистави на идејата на одредени членови на Конгресот за изложување на подолгорочен план за повлекување на трупите, за да, со според нив, се изврши притисок врз ирачката влада да ја забрза обуката на своите безбедносни сили и да постигне политичка согласност по клучните прашања.

Генералот Петреус истакна и дека заканата од сунитските паравојници од редовите на Ал Каида во Ирак, е значително намалена, но оти групата и натаму е опасна. Тој го издвои и Иран заради тоа што игра, цитираме, мошне штетна улога во Ирак, преку поддршка и давање директиви на насилните шиитски групи, кои ги нарече, цитираме, најголемата долгорочна закана за можноста од постоење на демократски Ирак.

На истиот распит во Конгресот, амбасадорот Рајан Крокер подвлече дека речиси се во однос на Ирак е тешко, но, како што кажа, успехот е поблизу споредено со минатиот септември, кога тој и генералот Петреус последен пат сведочеа пред американските законодавци:

-Развојот на настаните во изминативе седум месеци, го зајакнаа моето чувство за позитивен тренд. И натаму ни престојат итни предизвици, напредокот во Ирак променлив и честопати фрустрирачки спор, но тој постои и за да се оддржи, ќе биде потребен натамошен американски ангажман. Она што е постигнато може е оддржливо, но и променливо.



Амбасадорот Крокер ги предупреди скептичните законодавци дека САД повеќе би биле оценувани по тоа што ќе се случува во Ирак во престојните години, отколку што се случувало во изминативе пет години по инвазијата под американско водство. Тој истакна дека напредокот реално постои, но и натаму е кревок и го повика Конгресот да го поддржи актуелниот курс во земјата.

XS
SM
MD
LG