Линкови за пристапност

САД не се извинуваат за поддршката на Македонија во Букурешт


„Како Република Македонија или како ФИРОМ, САД се залагаа Македонија да биде примена во НАТО. Грците тоа не го прифатија. Грција индицираше дека сака решение на прашањето со името. Македонинската влада кажа дека сака решение. Двете страни сакаат придвижување напред. Македонија секако е разочарана, но јас го поздравувам нивниот конструктивен приод. Јас не можам да зборувам за Нимиц, но сигурен сум дека не се откажува и дека претстојат интензивни преговори“, кажа амбасадорот Даниел Фрид во Фореин прес центарот.

На толкувањето на еден грчки новинар дека САД во Букурешт ја туркале страната на Скопје, како што кажа, иако последниот предлог на преговарачот Нимиц бил наводно полош од претходниот, Фрид одговори:

- Го потврдувам американскиот интерес за напредок по ова прашање. Нема да го дискутирам квалитетот на предлозите на Нимиц. Ние го поддржуваме процесот во ОН. Се разбира дека очекувавме покана за Македонија. Јас не гледам причина да се извинувам за многу активната американска улога. Ние, како што знаете, го охрабрувавме Скопје да преговара со добра волја и сакавме Грција да го стори истото. Ние не се ставаме на ничија страна. Нашата страна е страна на решение, прифатливо за двете страни. Мило ми е што го поддржуваме Нимиц и имаме намера тоа да го правиме и во иднина.

Новинарите побараа објаснување и за наводно двојниот стандард на господинот Фрид за национализмот на балканот - во интервју за Канал 77 пред самитот во Букурешт, тој наводно го оправдал национализмот на владата на ФИРОМ, велејќи дека македонските патриоти се бореле повеќе од 100 години да влезат во евро-атлантските структури, а Србите во случајот со Косово ги нарекол националисти.

Фрид рече дека воопшто не било разбрано што кажал. „Затоа ќе повторам“, рече тој. „Национализмот на Балканот предизвика многу крвопролевање. Национализмот е голема опасност. Кога зборував за македонските патриоти, зборував за држава, која е успешна, повеќе-етничка земја. Етнички Македонци и етнички Албанци има и во владата и во опозицијата. Благодарение на Охридскиот договор, македонската влада спречи голем домашен проблем, дури и граѓанска војна. Од сите поранешни југословенски држави Македонија беше најуспешна во избегнување на екстремен национализам. Владата на Македонија ја гледа иднината во Европа, со НАТО, и одбива таков вид на национализам што донесе толку болка на Балканот. Судбината на Македонија и Грција е во иднина да бидат добри пријатели и партнери. Тоа ние го сакаме“.

Одвојувајќи се од улогата на дипломат, Фрид се осврна и на квалификациите „таканаречен македонски јазик“ и „таканаречен македонски народ“.

„Македонскиот јазик не е таканаречен“, рече Фрид. „Тој постои, Македонскиот народ постои. Ние предаваме македонски во Институтот за дипломати, заедно со српски, босански, и сега се разговара за црногорски. Сите јазици се човечки творби, тие се предмет на развој. Владата на Македонија и ние јасно велиме дека постои историска територија наречена Македонија и сегашната држава нема никакви претензии на неа. Етничката припадност е на луѓето да ја дефинираат, и што се однесува до мене, таа е факт. А името е нешто за кое се разговара“.

XS
SM
MD
LG