Линкови за пристапност

Мартин Слецингер:  Не мислам дека оваа негативна одлука ќе остане


Глас на Америка на македонски: Кои се последиците по безбедноста на Македонија од одлуката на НАТО да не и` упати покана за прием на Самитот во Букурешт?

Мартин Слецингер: Мислам дека ако одлуката остане на подолг период, тогаш нејзината безбедност дефинитивно ќе претрпи неповолни последици, од едноставна причина што не е призната од НАТО како земја вредна за членство, и ова може да има домашни последици и да доведе до нестабилност во земјата. Па сепак, мислам и се надевам дека не го имаме чуено последниот збор на оваа тема и дека ќе се случи забрзана дипломатија во врска со името и останати прашања и дека Македонија ќе биде во можност да стане членка многу порано од наредното формално проширување на НАТО. Говориме за недели, месеци. Не мислам дека оваа негативна одлука ќе остане.

Глас на Америка на македонски: Дали Македонија ќе биде расположена за преговори, со оглед на фактот дека македонски претставници го сметаат последниот предлог на Нетју Нимиц за конечен, а грчката страна коментираше дека тој е далеку од она што таа го сака?

Мартин Слецингер: И Грција, и Македонија треба да бидат реалистични и малку пофлексибилни. Македонија поради тоа што - искрено кажано - има егзистенцијални и поважни прашања на подолг период отколку името. Ако тоа придонесува Грците да стават вето на членството во НАТО - што мислам дека е мошне негативен чекор, се случува по првпат и Грците не треба да се гордеат - мислам дека обете страни треба да седнат и веднаш да изнајдат решение. Тоа може да се стори. Кога има желба, има и начин.

Глас на Америка на македонски: Кои се последиците по Грција, и пошироко, по НАТО?

Мартин Слецингер: Грците очигледно не се загрижени за надворешно-политичките обѕири. Мислам дека ова целосно беше направено за домашни политички обѕири и претстојните избори. Но, ова не и` доликува на Грција. Грција е етаблирана земја, прототип за западната демократија, а загрижени се за својата безбедност поради мала земја од два милиона луѓе и споделување на името. Да ми простите, помалку е смешно. Но, тие не се грижат што мисли остатокот на светот - ова е за нивни домашни потреби.

Глас на Америка на македонски: Со фактот дека Македонија не доби покана, а Украина и Грузија не започнаа со процесот на членство, одредени аналитичари сметаат дека американската надворешна политика не исполни дел од своите цели на овој Самит. Какво е вашето мислење?

Мартин Слецингер: Искрено кажано, во последно време не се исполнуваат многу американски надворешно-политички цели - без оглед дали говориме за Блискиот Исток, или дури Балканот. Надворешната политика не функционира. Мислам дека тоа е поради тоа што се туркаат некои мошне чудни и непродуктивни позиции. На пример, дали навистина сметаа дека проширувањето на Акциониот план за членство со Украина и Грузија е нешто реално, нешто што го сака Русија, нешто што го сакааат нашите сојузници во НАТО? Не. Дали му помага на НАТО како институција? Не. Што ќе прават САД во врска со ова? Не знаеме. Исто така, мислам дека неспособноста да ги убедиме Грците не се одразува поволно врз нас. Но, НАТО ќе продолжи да постои и е важна институција, не толку многу поради безбедноста надворешно - бидејќи тогаш членките имаат можност да ги посетат блискоисточните земји каде не биле никогаш порано – туку од политички причини. НАТО се` уште е мошне важна политичка интеграциона операција и затоа мислам дека е важно за Македонија да влезе.

Глас на Америка на македонски: Дали предвидувате промени во американската надворешна политика кон Македонија, зависно од тоа кој ќе влезе во Белата куќа по претседателските избори во ноември?

Мартин Слецингер: Искрено, не. Мислам дека политиката на САД кон Македонија и всушност повеќето наши политики во однос на Балканот ќе останат во најголема мера исти, од проста причина што не гледам некој од претседателските кандидати да има драматично нови гледишта. Стејт департментот навидум раководи со нашата политика за ова, а таму има континуитет на луѓе од администрацијата на Клинтон и Буш. Очекувам политиката да биде иста. Ќе остане иста. Ќе биде за Македонија, за внесување на Македонија во ЕУ и НАТО, но исто така секогаш ќе бидеме помалку услужливи во однос на грчкото лоби.

Глас на Америка на македонски: Дали сметате дека е можно да се најде издржано и трајно решение во спорот околу името?

Мартин Слецингер: Да. Една работа што ме импресионира во моите 30 години во Вашингтон и 20 години работа во процесот на Комисијата за безбедност и соработка во Европа е дека дипломатите - а особено европските – се бескрајно инвентивни и флексибилни. Мислам дека кога ќе дојде време, ќе успеат да најдат формулација. Сега постои извесен временски притисок, во смисла дека ќе има малку поголем притисок врз Македонија - можеби да направи мал компромис во извесна смисла, но и врз Грција, бидејќи Грција не сака во нејзиното досие да стои дека придонела за создавање на нестабилност во Македонија. Грција има голем интерес во Македонија и не и е` потребна нестабилност во Македонија, затоа што директно ќе се одрази на неа. Затоа мислам дека обете страни, под чие и да е посредништво - дали со продолжување на процесот во ОН или нешто друго – ќе најдат решение.

XS
SM
MD
LG