Линкови за пристапност

Македонија засега надвор од НАТО


„Се согласивме дека покана за поранешната југословенска република Македонија ќе биде испратена штом биде најдено заеднички прифатливо решение за спорот со името“, рече генералниот секретар на НАТО пренесувајќи ја одлуката на Алијансата. Во својот финален заклучок НАТО жали што преговорите со Грција не биле успешни и побара да продолжат и да бидат завршени што е можно побрзо, но без да поставува рок за ваков исход.

За претседателот Бранко Црвенковски оваа е најлошото можно сценарио и неправда какви што Македонија доживеала многу. Но - предупреди претседателот - тоа не смее да го сопре курсот на земјата и нејзините стратешки определби.

Слична е позицијата и на премиерот на Македонија Никола Груевски кој исто така вети дека земјата продолжува со реформите. Тој додаде дека секој оној кој мисли дека со овој потег ќе ја натера земјата да прифати нешто што тој некој сака таа да прифати е во голема заблуда.

- За разлика од оние кои споменуваат темни сценарија земјата е силна, има силни граѓани и ќе продолжи да опстојува и да се развива понатаму со силна динамика заедно со нашите сојузници, а ги имаме многу, рече Груевски цитирајќи ги Америка Словенија и Турција и заблагодарувајќи им се на сите оние што сторија се` што било во нивна моќ да и` помогнат на Македонија.

Но, за жал - рече Груевски - денес не успеаа да бидат победници во една таква борба, но успеаа во намерата да докажат дека Македонија е подготвена и дека таа можеби формално не е влезена во рамките на НАТО, но кога ќе се разреши проблемот со Грција земјата по автоматизам ќе добие членство во Алијансата.

Одлуката на НАТО да не и` упати покана на Македонија Букурешт беше протолкувана и како удар за политиката на САД и нејзиниот претседател Џорџ Буш кој вчера употребувајќи прецизно идно време рече дека НАТО ќе испрати три покани за членство и дека ќе им овозможи на Грузија и Украина да станат кандидати. Неговите НАТО партнери не го послушаа.

Американскиот претседател изрази жалење што Македонија не можеше да добие покана и порача дека спорот со името мора брзо да биде решен.

Германската канцеларка Ангела Меркел потврди дека за приемот на Македонија во НАТО не е неопходно да се чека нов самит. Македонија може да биде примена откако ќе го реши спорот со името, рече таа.

XS
SM
MD
LG