Сеуште не се знае дали Македонија ќе добие покана за членство во НАТО или поради грчко вето ќе мора да чека подобри времиња.
Грчката делегација попладнево пристигнува во Букурешт со познатиот став кој министерката за надворешни работи го повтори уште еднаш во Атина. Таа не верува дека спорот со името може да биде решен овде во Букурешт, а за Грција додека нема решение не може да има ни покана. Македонската делегација од своја страна сите надежи ги вложува во американската супер сила.
Охрабрувачка изјава даде претседателот Џорџ Буш кој во Букурешт утринава изјави:
-Утре НАТО ќе донесе историска одлука за прием на три балкански земји: Хрватска, Албанија и Македонија. САД енергично ја поддржуваат поканата за овие земји да се приклучат на НАТО. Тие го минаа тешкиот пат на реформи и изградија слободни општества, подготвени се да придонесат во НАТО и нивните граѓани ја заслужуваат безбедноста што ја носи НАТО.
Генералниот секретар на алијансата исто така смета дека во Букурешт ќе биде сторено се за да се реши спорот и Македонија да добие покана за НАТО. Алијансата инсистира дека грчко - македонскиот спор не е проблем што таа го решава и повторува дека процесот се води во ОН. Оттука и шпекулациите на дипломатите дека поканата за Македонија ќе биде условена со решавање на спорот со името.
Вашингтон е решен дека овој самит ќе биде место од кое јадранската група ќе добие покана за членство и самит на кој ќе бидат прифатени кандидатурите за членство на Грузија и Украина.