Нов предлог, заснован на делови од старите. Ова на преговарачите на Република Македонија Никола Димитров и на Грција Адамантиос Василакис им го понудил посредникот на ОН Метју Нимиц во најновата рунда преговори во Њујорк. Нимиц рече дека предлогот има географска димензија и се надева дека двете влади ќе го разгледаат сериозно.
- Тоа е нов предлог. Има многу елементи од претходните предлози. Не е даден одненадеж. Слушајќи ги обете страни – за сите нешта што можат и што не можат да ги прифатат – се обидов да изнесам нешто што е разумен компромис, рече Нимиц по средбата во ОН.
Предлогот според Нимиц содржи географска димензија и може да биде основа за решение:
- Како што реков пред неколку месеци, функционалното решение мора да претставува компромис, така што не е 100 проценти што Атина или Скопје би сакале, но мислам дека она што им го предложив е чесно, достојно, мислам дека има географска димензија и навистина се надевам дека двете влади ќе го разгледаат сериозно, ќе си дадат време, ќе го земат предвид на позитивен начин. Да се надеваме дека ќе биде основа за решение на ова долготрајна дебата. Тоа веќе не зависи од мене, туку од страните.
Во контекст на кусото време пред Самитот на НАТО, Нимиц подвлече дека нема временско ограничување за процесот во рамки на ОН:
- Не верувам во давањето крајни рокови, не мислам дека е корисно. Јас сум во постојан контакт со обата преговарача и ако има причина за средба, секогаш сум подготвен, рече посредникот на ОН, додавајќи дека наредниот чекор е консултација на преговарачите со своите влади.
Нимиц потенцираше дека е трпелив во наоѓањето решение:
- Јас лично можам да чекам бесконечно. Ова е процес под мандат на ОН и со две земји што се важни, обете стари цивилизации, постоеле и ќе постојат долго време, така што времето зависи од нив.
Посредникот на ОН оцени дека позициите на двете страни се` уште се различни, и дека не треба да се занемарува важноста на проблемот, оценувајќи дека се работи за тешко прашање, политички мошне важно, и важно за националниот интерес на обете земји.
На прашање дали страните побарале специфични гаранции за имплементација на новата формула, Нимиц кажа дека на овој состанок не било посветено многу време на тоа, како и дека во неговиот најнов предлог тој накусо се осврнува на ефективната имплементација.