Линкови за пристапност

Средба Бакојани-Милошоски со посредство на САД во Брисел


На двајцата министри за надворешни работи на Грција и Македонија, Дора Бакојани и Антонио Милошоски во Брисел, САД им презентираа нови идеи за решавање на спорот. Тие двајцата ветија дека ќе ги пренесат во своите главни градови и се заложија за продолжување на процесот на преговори под покровителство на ОН.

Трочасовната средба се одржа во приватната резиденција на американската мабасадорка во НАТО, Викторија Нуланд. Покрај амбасадорката и двајцата министри, на средбата присуствувал и американскиот помошник-државен секретар Даниел Фрид. Ниту една од страните не сакаше да ги открие деталите на предложеното зад затворени врати. Двајцата министри дадоа слични изјави и нагласија дека не се ниту оптимисти, ниту песимисти.

Милошовски изјави дека од американска страна биле изложени повеќе размислувања:

- Мислам дека вреди тие да бидат пренесени во нашите главни градови, пред државниот врв и пред релевантните политички партии. Македонија има јасни аргументи, позиција и цел, како и желба да остане конструктивно вклучена во процесот. Наша цел е интеграција во НАТО, рече Милошоски.

Истиот тон дојде и од неговата грчка колешка, која рече дека состанокот бил искрен и корисен.

На средбата не бил потпишан никаков документ.

Грција и Македонија исто така ги повторија своите познати позиции.

- Ние сакаме име што ќе направи разлика меѓу целата географска Македонија и она што денес го зазема ПРЈМ, рече Дора Бакојани, додавајќи дека тоа е важно за регионалната стабилност.

Бакојани изрази верување дека дека двете земји ја разбираат важноста на проблемот и дека има волја за негово решавање.

Според висок дипломат, кој на новинарите се обиде да им даде повеќе детали за средбата, Македонија исто така останала на познатата двојна формула. Процесот, иако полека, се движи, вели тој. Според дипломатот, не треба да има огромни очекувања, но и не смеат да се исклучуваат можностите за напредок.

Следната преговарачка рунда ќе се одржи наредниот вторник во Њујорк.

XS
SM
MD
LG