Стејт Департментот соопшти дека бил извршен упад во пасошките податоци на сите тројца претседателски кандидати. Портпаролот Шон Мекормак најави дека главниот инспектор на Департментот ќе спроведе целосна истрага. Според Мекормак, државната секретарка Кондолиза Рајс по овој повод веќе разговарала со демократските кандидати, сенаторите Барак Обама и Хилари Клинтон, а ќе говори и со републиканскиот претендент Џон Мекејн, кој се наоѓа во Париз.
Мекормак информираше дека истиот работник под договор кој го прегледал пасошкото досие на Обама, го отворил и досието на Мекејн. Тој кажа и дека вишото раководство било известено за упадите дури кога се јавил новинар за да праша за случајот.
Стејт Департментот поради неовластено прегледување на досеијата отпушти двајца работници под договор, а против трет поведе дисциплинска постапка. Мекормак кажа дека нема индикации дека инцидентот е со политичка заднина. Според портпаролот на кампањата на Обама, Бил Бартон, се работи за „скандалозен упад во безбедноста и приватноста“.