Линкови за пристапност

Интервју на претседателот Буш за Гласот на Америка


Претседателот Буш во интервју за Персиската мрежа на вести при Гласот на Америка вели Иран има право на нуклеарна енергија за цивилни потреби се` додека горивото за реакторите доаѓа од странство. Во спротивно, Буш вели дека не и` верува на иранската влада дека развива нуклеарна енергија исклучиво за мирољубиви цели.

Иран вели дека нуклеарната програма за збогатување ураниум е само за мирољубиви цели – но САД и други држави го обвинуваат Техеран дека сака да стане нуклеарна сила. Претседателот Буш за Персиската мрежа на вести при Гласот на Америка вели дека има решение:

- Верувам во нуклеарна енергија за цивилни цели. Иран е суверена земја и треба да поседуваат. Проблемот е што едноставно не и` веруваме на владата затоа што не беа искрени за причините за збогатување на ураниум за нивните реактори. Понудата на Русија да обезбеди гориво на договорна и постојана основа би помогнала да се реши проблемот.

На почетокот на месецов Советот за безбедност на ОН воведе трет пакет санкции против Иран поради одбивањето да запре со програмата за збогатување ураниум. Последни санкции го зајакнаа надгледувањето на иранските финансиски институции и ги замрзнаа сметките на лица и компании вклучени во нуклеарната програма.

Во интервјуто за Гласот на Америка, Буш го обвини иранското раководство дека води политика што ја води земјата во изолација:

- Иранските лидери, во нивните желби за збогатување на ураниум, ја изолираа оваа велика земја. Има начин да се тргне напред. Иранските лидери го знаат тоа – начинот е да прекине процесот на збогатување ураниум, но така што тоа да може да биде потврдено, по што се можни нови односи со државите, со оние во Советот за безбедност на ОН, на пример.

За време на интервјуто за Гласот на Америка, американскиот претседател неколкупати ја подвлече разликата меѓу иранската влада и народот. Тој изрази поддршка за реформаторите и ја обвини владата во Техеран дека не одговорила на потребите на Иранците и дека ги обвинува САД за внатрешните проблеми во земјата.

XS
SM
MD
LG