Џорџ Буш смета дека прашањето во врска со името е решливо и дека Македонија и Грција треба да го затворат пред Самитот на НАТО во Букурешт. Вака кажа портпаролот на Белата куќа на синоќешниот редовен брифинг за новинарите.
„Претседателот се надева дека двете страни ќе постигнат спогодба пред Самитот на НАТО, бидејќи смета дека ова е прашање е решливо и дека треба да го затворат пред да појдеме на Самитот кон крајот на месецов“, рече портпаролот Дејна Перино на редовната дневна средба со медиумите.
На прашање дали Џорџ Буш ќе направи некаква иницијатива во последен момент во врска со прашањето, Перино кажа дека американската државна секретарка Кондолиза Рајс е во комуникација со обете страни и дека денес ќе го информира претседателот не само за својата тукушто завршена посета на Русија, туку и за претстојниот Самит на НАТО.
Во Стејт департментот, пак, денес пак ни потврдија дека вршителот на должноста државен потсекретар Даниел Фрид утре во Брисел ќе се сретне со првите луѓе на македонската и грчката дипломатија Антонио Милошоски и Дора Бакојани. Целта на состанокот, како што велат американски владини лица, е да се помогне во напредокот во тековниот преговарачки процес во рамки на ОН под посредство на Метју Нимиц.