Линкови за пристапност

Најави за влез на автомобилската индустрија на САД во Македонија


На бизнис-форумот насловен „Македонија – ново економско чудо во Европа“ петокот во Вашингтон, виши македонски владини претставници говореа за инвестиционите можности и реформите за подобра економската клима во земјата.

Пред потенцијални американски инвеститори, неколку македонски министри предводени од вицепремиерот за економски прашања Зоран Ставрески, ја презентираа нивната политика за привлекување странски инвестиции. Бројните претставници од невладини организации, меѓународни финансиски институции, медиуми и политички и лоби кругови беа информирани за иницијативите за развојот на информатичата технологија, како проектите „Компјутер за секое дете“ и “Македонија - земја на експерти за информатичка технологија“. Според впечатокот на вицепремиерот Ставрески - има интерес кај странскиот приватен сектор поради подобрувањето на севкупната бизнис клима во изминатите две години:

- Има интерес од автомобилските компании. Можам да кажам дека на маргините на економскиот форум во Вашингтон имавме контакти со една од компаниите која е заинтересирана за влез во Македонија. Ни беше кажано дека многу брзо, веројатно до крајот на овој месец ќе дојде до потпишување на меморандум за соработка. Следниот месец би уследила конечната одлука – дали автомобилската компанија од САД ќе инвестира во Македонија.

- Каква е бизнис-климата за развој на мали и средни претпријатија во Македонија? Првиот човек на телекомуникацискиот гигант Нортел, Мајк Зафировски е оптимист:

- Се подобрува. Бруто-националниот производ во Македонија бележи пораст од 5-6 проценти. Јас би сакал да биде 9-10 процентен скок, но забавувањето на економијата во Европа и во Северна Америка врши глобален притисок. Па сепак, растежот во Македонија е позитивен тренд и охрабрува.

Дали има шанси Нортел во дојде во Македонија?

- Ќе отвориме канцеларија за продажба во следните неколку недели. Ќе го прошириме присуството веројатно во 2009-та или 2010-та, вели Зафировски.

Директорот на агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо смета дека Македонија има капацитет за развој во неколку области. Ги набројува најдобрите сфери за инвестирање:

- Како прво, автомобилската индустрија во областа на производство на компоненти поради местоположба на Македонија и близината до пазарите на Централна Европа и Турција, каде се произведуваат голем број на автомобили од светки марки. Потоа тука е секторот на информативна технологија, земјоделството и агро-бизнисот, фармацијата. Во сите сфери каде постои интерес за инвестирање, тука сме како Влада да им помогнеме на странските инвеститори.

Мизо го истакна и проектот со 23-ца економски промотори кои ќе бидат распоредени во македонските амбасади и конзулати. Нивната цел е во директни контакти со странски фирми и компании да ги пренесат можности за инвестирање во Македонија. Во САД таа функција ќе ја извршуваат двајца.

XS
SM
MD
LG