Линкови за пристапност

Како избира Америка – политички маркетинг


Претседателските кандидати го рекламираат личниот интегритет и политичките ставови многу слично на продукти, како пица, на пример, или автомобил. Се работи за политички маркетинг.

Брајан Дарлинг од независната истражувачка организација Фондација Херитиџ во Вашингтон говори за процесот на убедување на гласачите да го „купат продуктот“:

- Едно ниво е кандидатот да се направи омилен – некој за кој луѓето би гласале бидејќи го сакаат. Но, исто е важно тој да говори за принципи што се интересни и прифатливи за гласачите.

Но, и принципите да се спакуваат така што гласачот лесно може да ги запомни, доадава демократскиот медиумски стратег Питер Фин:

Пораката треба да биде јасна, концизна, да направи врска со гласачите, да биде во контраст на онаа на противникот - вашата силна страна, наспроти слабоста на противникот. Исто така, треба да биде континуирана.

Политичките стратези коваат слогани што лесно се помнат и ја носат сржта на политичката порака на кандидатот. Брајан Дарлинг дава примери од сегашниве и минатите избори:

- Претседателот Клинтон излезе со - „Не ли ти текнува - одговорот е во економијата“. Претседателот Буш - таткото на сегашниот претседател - стана познат по - „Слушајте ми го зборот - нема нови даноци“. Во сегашнава кампања, пак, Барак Обама користи само еден збор како слоган - „Промена“.

Политичкиот маркетинг мора да го создаде и внимателно да го одржува бранот на возбуда што треба да кулминира кога гласачите ќе одлучат за кого да го дадат гласот. Питер Фин вели:

- Навременоста е се` во политиката - при одржувањето говори, митинзи, придобивањето гласови. Градите постепено, се` до кулминацијата – на денот на изборите.

Па сепак, за влез во Белата куќа, и Демократската, и Републиканската партија мора да сторат нешто повеќе од усмерување на мотивираните гласачи на изборите. Треба да допрат и до независните гласачи. На крајот, луѓето во средина - а не лево и десно во политичкиот спектар - може да одлучат кој ќе биде новиот претседател.

XS
SM
MD
LG