Линкови за пристапност

Експлозија на Тајмс Сквер


Градските власти соопштија дека експлозија од помал интензитет се случила нешто пред четири часот во среда наутро, причинувајќи незначителна штета на малиот киоск, што американската армија го користела како регрутен центар. Притоа немало повредени. Лица сместени во околните хотели велат дека почувствувале потрес на зградите.

На прес-конференција, комесарот на градската полиција, Рејмонд Кели рече дека направата не била софистицирана и била сместена во мала кутија. Тој кажа дека човек на велосипед е виден во близина на местото на настанот кој сомнително се однесувал пред да биде активирана направата, но не се знае дали истиот го поставил, го фрлил или го детонирал експлозивот:

-Лицето носело капа, било облечено во темна облека носел ранец. Сведокот не успеал да го види лицето на овој човек, така што не беше во можност да ни даде негов комплетен опис.

Комесарот Кели изјави дека како дел од истрагата, полицијата во моментов ги анализира снимките од видео камерите од околните хотели и продавници.

Градоначалникот на Њујорк, Мајкл Блумберг ги осуди сторителите на овој чин, велејќи дека таквите активности нема да влијаат на секојдневието во градот:

-Без оглед на тоа која е тој што го извел овој срамен акт врз нашиот град, ќе вложиме напори да го пронајдеме и да го изведеме пред суд. Нема да толерираме вакви активности, ниту ќе дозволиме да ја уништат нашата слобода, да живееме мирно и безбедно во најдобриот град на светот.

Полициски и пожарникарски екипи поставија кордони околу Тајмс Сквер, а по неколкучасовниот прекин, сообраќајот во подземната железница беше нормализиран.

XS
SM
MD
LG