Линкови за пристапност

Бугајски: сите ќе загубат доколку Македонија не влезе во НАТО


Интервју со Јануш Бугајски, од Центарот за меѓународни и стратешки истражувања во Вашингтон, за евентуалното грчко вето

Јануш Бугајски од Центарот за меѓународни и стратешки истражувања во Вашингтон за Гласот на Америка на македонски oцени дека и Македонија, и Грција, како и меѓународната заедница во целост ќе бидат губитници ако Македонија не добие покана за членство во НАТО.

Што ако биде ставено грчко вето врз поканата за членство во НАТО за Македонија. Кој губи во таква ситуација?

- Сите ќе бидат губитници. Најпрво, Македонија, но и Грција ќе биде губитник затоа што ќе допринесе за регионална нестабилност. НАТО ќе биде губитник затоа што нема докрај да го склопи мозаикот на Балканот, каде е витално Македонија да биде примена, и на крајот, губитници ќе бидат и САД, затоа што се` уште нема да остварат безбедност на поголемиот дел од Западниот Балкан, смета Бугајски.

Дали е можно постигнување компромис и избегнување грчко вето за разлики со името, на неколку седмици до Самитот во Букурешт:

- Не верувам дека тоа е можно со оглед дека преостануваат само уште три седмици до Самитот на 2-ри април за да се постигне некаков вид на конечен договор со Атина. Меѓутоа, потребно е да се постигне некаков преоден договор со цел Македонија да не биде блокирана од Грција во Букурешт. Тука мора да има некаков вид на заложба дека по добивање на поканата и ратификацијата ќе уследи период - веројатно пред целосното членство да биде формализирано и одобрено - кога ќе треба да се најде конечно решение за прашањето со името, вели Бугајски.

Познавајќи го регионот и неговиот менталитет, Бугајски не верува дека е можно постигнување конечно решение, освен доколку, како што вели, не се случи чудо. За него, Македонија веќе ги исполнила критериумите за членство:

- Не гледам некоја пречка освен решавањето на овој проблем на општо задоволство. Освен тоа, би рекол дека Македонија веќе ги исполни условите, исто како што направија Бугарија и Романија пред да станат членки.

XS
SM
MD
LG