Линкови за пристапност

Заедничка изјава за членство во НАТО


Земјите-членки на Јадранската група, Македонија, Хрватска и Албанија, поддржани од Бугарија, испратија заедничка изјава со барање на наредниот самит на НАТО во Букурешт да добијат покана за членство.

„Во почетокот на април НАТО има можност да се прошири со три нови земји –членки од Југоисточна Европа: Република Албанија, Република Македонија и Република Хрватска – т.н. јадранска тројка. За да се оствари ова, тие се целосно свесни дека треба да продолжат со своите напори до самитот на НАТО во Букурешт, со цел да ги завршат преостанатите задачи и на сојузниците да им испратат уверлив сигнал дека нивните реформи ќе продолжат и откако членството ќе стане факт“, стои во изјавата.

„Придобивките од ова се многубројни. НАТО ќе се прошири на 29 земји и како последица на тоа ќе ги подобри своите способности. Ќе се зајакне безбедноста во Југоисточна Европа. Новите сојузници ќе работат заедно со постојните земји-членки на градење на заедничката безбедносна зона во регионот. Здружената работа за остварување на заедничките цели и сојузничките одговорности бара поголема конструктивност, регионална соработка и добрососедски односи преку партнерство и соработка, а не преку призмата на историско соперништво“.

Не случајно членството во НАТО, се вели во ова писмо, се случува не само поради желбата на политичките елити. Соработката меѓу земјите-членки на НАТО, од регионот и земјите-кандидатки отсекогаш била пресудна за забрзување на подготовките за членство во Алијансата, за зајакнување на духот на солидарност и на заедничката одговорност за безбедноста. Водена од ова начело, стои понатаму во писмото, Бугарија презема конкретни активности и ја поддржува јадранската тројка на патот кон членство во НАТО.

„На крај, убедени сме дека проширувањето на Алијансата со јадранската тројка ќе биде од дополнителна вредност не само за стабилноста во регионот туку и за способностите на НАТО во Југоисточна Европа“, истакнуваат во заедничката изјава министрите за надворешни работи на Македонија Антонио Милошоски, на Албанија Љуљзим Баша, на Хрватска Гордан Јандроковиќ и на Бугарија Ивајло Калфин.

XS
SM
MD
LG