Линкови за пристапност

Распит во Конгресот: Јадранската група подготвена за членство во НАТО


Американската хелсиншка комисија во Конгресот организира распит за проширувањето на НАТО пред Самитот во Букурешт. Според излагачите, нема пречки на патот за Македонија, Албанија и Хрватска да станат дел од Алијансата

НАТО не смее да ги отфрли земјите кои спроведуваат макотрпни реформи и придонесуваат за зголемување на безбедноста во регионот, резимираа експертите на распитот со кој претседаваа сенаторите Алси Хастингс и Бенџамин Кардин.

Проширувањето ќе испрати позитивен сигнал и за демократска Србија по независноста на Косово, оцени Мајкл Халтингс од Центарот за транс-атлански односи при Универзитетот Џон Хопкинс:

- Силно верувам дека Хрватска Албанија и Македонија, сите ги исполните критериумите за членство во НАТО и сите три, особено Македонија и Албанија, со ентузијазам придонесуваат во армиските операции на Алијанската.

НАТО за регионот значи поврзување со Америка и споделување на западните вредности, одговорности и очекувања, рече Јануш Бугајски од Центарот за меѓународни и стратешки истражувања:

- Влезот на Хрватска, Македонија и Албанија значително ќе ја намали „сивата зона“ на западниот Балкан и ќе ја зајакне мисијата на НАТО како генератор на регионалната стабилност.

Иако властите во Скопје би прифатиле влез на НАТО под референнцата ФИРОМ, Атина гледа можност пред Самитот во Букурешт да изврши протисок за конечно решение, вели Бугајски, иако и самиот призна дека нема магична формула за преговарите што траат веќе 17 години:

- Вашингтон мора да остане вклучен во процесот за да се најде преодно решение што барем привремено ќе ги задоволи двете страни и ќе спречи вето во Букурешт. По самитот мора да се изврши притисок за конечно решение што ќе ги подобри односите меѓу Грција и Македонија, два исклучително важни американски сојузници на Балканот.

Сенаторот Бен Кардин рече дека за проширувањето на НАТО има поддршка во Конгресот затоа што тоа би значело силен одбранбен сојуз што може да се носи со предизвиците на денешницата.

XS
SM
MD
LG