Линкови за пристапност

Ирачката војна повторно на дневен ред во изборната кампања во САД


Ирачката војна се враќа како тема во предизборната кампања за претседателските избори во САД - копјата ги судрија републиканецот Џон Мекејн и демократот Барак Обама.

Според анкетите, забавената американска економија изби на прво место пред ирачката војна како главно изборно прашање. Па сепак, најверојатниот републикански кандидат за претседателските избори во ноември, сенаторот Џон Мекејн често потсетува за каков влог се работи во Ирак. Тој вака коментираше на неодамнешна изјава на демократскиот претендент, сенаторот Барак Обама, дека иако претпочита фазно повлекување од Ирак, брзо би ги вратил силите доколку Ал-Каида се појави како закана:

- Ал-Каида веќе има база во Ирак. Така и се вика организацијата – Ал-Каида во Ирак.

Обама веднаш реагираше:

- Имам вест за Џон Мекејн – немаше Ал-Каида во Ирак се` додека Џорџ Буш и тој самиот не решија да извршат инвазија во Ирак.

Мекејн е цврст поддржувач на ирачката политика на претседателот Буш, кој, пак вчера на прес-конференција вака коментираше на реториката:

- Верувам дека е подобро сенаторот Обама да се фокусира на кампањата против сенаторката Клинтон. Ниту еден од нив ја нема осигурано партиската номинација за претседателските избори.

Ставот на Хилари Клинтон по прашањето е дека кога би станала претседател, набргу би започнала со повлекување на американските сили.

Американската јавност во последно време со поголем оптимизам гледа на ирачката ситуација, со оглед што зголемувањето на американските сили донесе подобра безбедност во земјата. Мекејн дури најавува дека шансите да победи на директните претседателски избори зависат од тоа дали ќе ги убеди Американците дека цената на победата во Ирак е оправдана.

XS
SM
MD
LG