Линкови за пристапност

„Виножито“ испрати забелешки на предлозите за името


Партијата на Македонците во Грција-Виножито денeска се огласи со свои коментари за предлог рамката на Метју Нимиц за решавање на грчко - македонскиoт спор. Забелешките на Виножито се однеуваат на предлозите за решение на проблемот со имињата Горна или Нова Македонија.

„Во врска со „Горна Македонија“, што според медиумите е прифатливо за грчката страна, сакаме да нагласиме дека не соодветствува со досегашната официјална позиција на Атина. Ако постои Горна Македонија логично е да има и Долна Македонија. Имајќи го ова предвид како може грчката Влада да тврди дека името Република Македонија содржи иредентистички закани кон Северна Грција, а името Горна Македонија не. Јасно е дека име како Горна Македонија би можела да го охрабри иредентизмот на двете страни“, пишува „Виножито“.

Во врска, пак, со предлогот „Нова Република Македонија“, партијата на Македонците во Грција истакнува дека секоја додавка на националниот и етничкиот карактер на државата и на народот директно или индиректно влијае негативно на македонскиот идентитет.

„Ако префиксот „Нова“ е со цел да се направи разлика меѓу модерна и античка Македонија тогаш логично истото треба да се примени и на името на Грција која би требало да се нарекува „Нова Грција“ бидејќи „модерната грчка држава не е исто што и античка Грција“, наведува „Виножито“.

За одредбата предложена од Нимиц за ограничување на користењето на терминот „македонски“, „Виножито“ смета дека претставува кршење на основните човекови права за самоопределување.

Притоа се потсетува дека во повеќе официјални грчки документи пред 1945 година терминот „македонски“ е дефиниран како сосема различно од терминот „грчки“.

„Виножито“ затоа му предлага на медијаторот на ОН во неговиот предлог да вклучи два нови параграфа.

Првиот дека „грчката држава признава постоење на различен етнички македонски идентитет како што се изразува и развива во Република Македонија и пошироко како различен од грчко-македонскиот културен идентитет што се развива во Грција по 1912 година кога дел од Македонија беше приклучена кон грчката држава“, се вели во писмото потпишано од Виножито, а адресирано до министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Антонио Милошоски и Дора Бакојани, и до американскиот државен секретар Кондолиза Рајс.

XS
SM
MD
LG