Претседателот Буш вели дека е оптимист што се однесува на брзо постигнување договор:
-Постои волја ова да се направи заради заедничка безбедност и заради мирот.
Зборувајќи пред новинарите по разговорите со чешкиот премиер Мирек Тополанек, господинот Буш кажа дека само детали останува да бидат решени.
Премиерот кажа дека разликите се состојат во три збора кои се однесуваат на влијанието на потенцијалното американско армиско присуство на животната средина:
-Ние всушност бараме стандарди кои ќе бидат крајно стриктни во смисла на обезбедување и гарантирање на заштита на средината. Ова е техничко прашање и ќе биде решено многу скоро.
Русија останува упорен противник на предлогот за одбранбен штит што би значело поставување радарска инсталација во Чешката Република и 10 пресретнувачки проектили во Полска. Москва вели дека системот би бил закана за безбедноста и дека ќе започне нова трка во вооружувањето.
Претседателот Буш уште еднаш кажа дека системот е поставен да се справи со идни закани од екстремистички режими. Тој кажа дека Русија нема од што да се плаши со овој одбранбен план, додавајќи дека и таа се соочува со заканата од непринципиелни држави како што е Иран:
-Знаете дека ако некоја од овие држави развие оружје со способност да носи боева глава , слободните нации, нации како Русија, не сакаат да се најдат во позиција да бидат политички уценувани.
Претседателот нагласи дека американската одбранбена иницијатива е со цел да донесе стабилност во Европа. Тој кажа дека тоа ќе биде од корист за НАТО, и дека ќе го почитува суверенитетот на сите нации кои ќе се согласат да бидат домаќини на елементи на системот.
Договорот со Полска следи. Полскиот премиер ќе го изнесе својот став при посетата на Белата Куќа на 10 март.