Линкови за пристапност

МекКеин чекор поблиску до добивање на републиканска претседателска номинација


Залетот на сенаторот Обама и натаму расте по убедливите победи во Висконсин и Хаваи.

Обама сега ја победи сенаторката Хилари Клинтон во десет последователни номинирачки натпревари последниве две недели, што може да кулминира со Тексас и Охајо на 4 март.

Додека води кампања во Тексас, Обама продолжува да ја нагласува својата улога на агент на промена:

-Проблемот со кој ние денес се соочуваме во Америка не е недостатокот на идеи. Туку тоа што Вашингтон стана место каде добрите идеи одат да умрат.

Обама го прошири своето водство во број на делегати и се воспостави себе си како водечки кандидат за номинација од Демократската партија.


Хилари Клинтон сега е пред непријатна перспектива – да се обиде да го запре моментумот на Обама во Тексас и Охајо за две недели.

На кампања во Охајо, Клинтон се претстави себе си како поискусна од Обама и подготвена да го преземе претседателствувањето од прв ден:

-Еден од нас е подготвен да биде врховен командант во опасен свет. Не може да имаме само говори. Треба да имаме решенија.

Предупредувачки знаци за Клинтон се појавија во гласањето во Висконсин. Обама со голема маргина ги доби гласовите на мажите, а во однос на жените беше речиси изедначен со Клинтон, која оттука црпеше голема сила.

Обама исто така подобро мина меѓу гласачите од работничката класа и продолжи да има силна поддршка од независните гласачи. На независните им е дозволено да гласаат на прелиминарни избори и во Тексас и во Охајо.

Во републиканската трка, сенаторот Џон МекКеин од Аризона се приближи до добивањето на номинацијата со победите во Висконсин и државата Вашингтон.


МекКеин веќе почнува да се врти кон сенаторот Обама како на најверојатен демократски противник на општите избори:

-Јас не сум најмлад кандидат, но најискусен сум. Ќе се борам секој момент од секој ден на оваа кампања да обезбедам Американците да не бидат заведени со елоквентен, но празен повик за промена.

Но, МекКеин прво треба да се ослободи од поранешниот гувернер на Арканзас Мајк Хакаби, кој останува во трката и покрај серијата разочарувачки финиши во неодамнешните прелиминарни избори и кокуси.

МекКеин подобро мина меѓу конзервативните гласачи во Висконсин, сугерирајќи дека можеби напредува во однос на резервираноста спрема неговата кандидатура кај десницата.

МекКеин веќе освои голем дел од потребните 1191 делегат потребни за добивање на републиканската номинација, и може да е во позиција тоа да го осигура на прелиминарните избори во Тексас и Охајо на 4 март.

XS
SM
MD
LG