Линкови за пристапност

Еленовски: Македонија целосно ги исполнува критериумите во одбраната за членство во НАТО


Македонскиот министер за одбрана Лазар Еленовски со колегите од Албанија и Хрватска на средбата во Пентагон изразија подготвеност за членство во НАТО, пренесувајќи му порака на американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс дека денешните предизвици се глобални, кои бараат глобален пристап во нивно решавање.

На 42 дена до Самитот на НАТО во Букурешт, трите земји од Јадранската група изразија очекување дека ќе им биде упатена покана за членство. На средбата со американскиот секретар за одбрана Роберт Гејтс изразија подготвеност и за натамошно учество во мисиите во Ирак и во Авганистан затоа што веруваат во исти вредности и традиции како НАТО.

- Која е главната порака од средбата со секретарот за одбрана Роберт Гејтс?

- Главната порака е дека Македонија во одбранбениот дел ги исполнува целосно критериумите, и повеќе од тоа.

Македонија, Хрватска и Албанија говорат во еден глас и нема лидер или предводник во Јадранската група на патот кон НАТО, рече Еленовски. Битна е регионалната соработка и на разговорите со американски претставници констатиравме дека заедно можеме повеќе да сториме, како во учество во мировни мисии, така и во спроведување на домашните реформи, оцени македонскиот министер. Тој признава дека има обид од Грција за успорување на патот на Македонија кон Алијансата:

- Проблем ли се разликите за името?

- За жал, очигледно се поставува на агендата, и покрај тоа што не е критериум за кој би требало да разговараме.

Еленовски вели дека нема конкретни барања за зголемување на бројот македонски мировници во мисијата во Авганистан, иако секретарот Гејтс неодамна упати апел до сите членки и кандидати на Алијансата да ги споделат безбедносните обврски во земјата.

И на излагањата во Атлантскиот совет на САД во Вашингтон, Еленовски заедно со колегите од Јадранската група се осврна на одбрамбените рефои на Македонија, и ја потенцираше професионалната и мултиетничка армија на земјата за која смета дека е рамо до рамо со коалиционите сили ширум светот. И во оваа прилика, тој го издвои фактот дека за разлика од Албанија и Хрватска, во Македонија има национален консензус од 90 отсто граѓани за членство во НАТО.

XS
SM
MD
LG