Линкови за пристапност

Куба – што понатаму?


Кубанскиот претседател Фидел Кастро се повлекува, 49 години откако преку револуција дојде на власт. Одлуката ја објави во државниот весник „Гранма“, пред седницата на новоизбраното национално собрание кое го избира претседателот. Фидел Кастро не се има појавено во јавноста од хируршката операција на цревата во јули 2006-та. Оттогаш неговиот брат Раул Кастро ја врши должноста претседател.

По речиси половина век комунизам на Куба, Кубанците навикнале да живеат со малку. Храната е во ограничени порции, а оскудицата е вообичаена.

Не е веројатно дека ваквите услови брзо ќе се променат. Раул Кастро, братот на Фидел и негов назначен наследник, неколкупати навести дека нема да го отфрли социјализмот.

Пред насобраната толпа која го празнуваше Денот на Револуцијата во јули 2007-ма, тој ги отфрли шпекулациите дека отсуството на неговиот постар брат ќе донесе драматични промени:

- Навистина тоа беа тешки месеци, но со консеквенци целосно различни од оние кои ги предвидуваа нашите непријатели. Непријателот очекуваше и сонуваше дека ќе западнеме во хаос и дека кубанскиот социјализам ќе се урне.

Па сепак, Раул Кастро исто така појасни дека сака темелно да ја промени државната економија на оваа островска држава, а особено да го зголеми земјоделското производство. Тоа можеби е најава дека ќе напушти дел од политиката на својот брат, вели поранешниот дипломат и експерт за Куба, Вејн Смит.

- Раул е прагматичен и мислам дека ќе биде поотворен во односите со САДи со со останатиот свет отколку што беше неговиот брат.

Дури и пред оставката на неговиот брат, Раул Кастро подаде маслиново гранче кон САД, кои и натаму го одржуваат економското ембарго кон Куба од почетокот на 60-те. Властите во САД се јасни дека не сакаат врски со комунистичка Куба.

Портпаролот на Стејт департментот Том Кејси се осврна на проблемот во јули 2007-ма:

- Мислиме дека дијалогот до кој треба да дојде е меѓу Раул Кастро и кубанскиот режим од една, и сопстевниот народ од друга страна, овозможувајќи му слободно да се изрази и да ги избере своите лидери на слободни и праведни избори.

Според опозициониот активист Мануел Куеста Моруа, кубанците се подготвени за дијалог:

- Мислам дека постои нова свест, психолошки и интелектуално. Мислам дека луѓето - граѓаните сега се поподготвени да ги поддржат барањата на политичката опозиција за демократски, политички и економски промени во Куба.

Улогата на Фидел Кастро на неуморен критичар на САД ја презеде претседателот на Венецуела Хуго Чавез. Како близок пријател на Кастро, Чавез посакува да ја преземе улогата на предводник на антиамериканското левичарско движење во Латинска Америка. Раул Кастро, пак, не покажува знаци дека ќе ги следи стапките на неговиот брат во проектирање на Куба како важен играч на меѓународната сцена.

XS
SM
MD
LG