Линкови за пристапност

Буш: независно Косово за мир на Балканот


Според претставници на НАТО, околу илјада демонстранти ги нападнале пунктовите Јариње и Бања, принудувајќи евакуација на полицајците на ОН и Косово кои ги опслужувале пунктовите. Над илјада Срби, пак, одржале протестен марш во српскиот дел на поделената Митровица.

Во Приштина, шефот за надворешна политика на ЕУ Хавиер Солана се состана со косовскиот премиер Хашим Тачи. Српскиот министер за надворешни работи Вук Јеремиќ во Виена го повика Постојаниот совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа да ја осуди независноста.

Американскиот претседател, кој се наоѓа на турнеја по Африка, од Танзанија порача дека независноста на Косово е во функција на мирот на Балканот:

- Тесно соработувавме со Русите, како и со европските и другите земји околу независноста на Косово, бидејќи сметаме дека тоа е правилниот потег. Имаше несогласувања, но ние веруваме, како и многу други земји, дека историјата ќе покаже оти ова е правилен потег што ќе донесе мир на Балканот.

Џорџ Буш најави и скорешно воспоставување целосни дипломатски односи:

- Косово е посветено на највисоките стандарди на демократијата, меѓу што и слобода, толеранција и правда за граѓаните од сите етнички потекла. Ова се принципи што го чествуваат човековото достоинство. Тоа се вредности што Америка ги бара во пријателите и наскоро ќе воспоставиме целосни дипломатски односи со новата нација Косово.

Руското министерство за надворешни работи преку соопштение го повтори противењето на едностраната објава на независност. Во него стои дека рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во телефонски разговор со американската државна секретарка Кондолиза Рајс порачал дека потегот е неприфатлив и опасен.

Србија во знак на протест го повлече својот амбасадор од САД.

XS
SM
MD
LG