Линкови за пристапност

САД го признаа Косово како независна држава


САД официјално го признаа Косово како суверена и независна држава. Американската државна секретарка Кондолиза Рајс во изјавата со која беше објавена одлуката им честиташе на луѓето од Косово „по овој историски повод“.

„Претседателот Буш позитивно одговори на барањето на Косово за воспоставување на дипломатски односи меѓу нашите две земји, кои ќе ги реафирмираат специјалните врски на пријателство што ги поврзуваат луѓето на САД и Косово“, стои во изјавата.

Во неа се потсетува дека меѓународната заедница пред 9 години предводена од НАТО ги запрела нападите врз етнички-албанското население на Косово и довела до одлука на Советот на безбедност на ОН да го прекине управувањето на официјален Белград со Косово и да го стави под привремена управа на ОН; дека Косово во меѓувреме развило сопствени демократски институции и дека специјалниот пратеник на ОН Марти Ахтисари минатата година разви план за изградба на демократско и мултиетничко Косово и предложи тоа да стане независно, со извесен период под меѓународна контрола.

„Во контекст на судирите од 1990-те, независноста е единствената одржлива опција за промоција на стабилноста во регионот. САД го поддржуваат планот на Ахтисари и ќе работат со меѓународните партнери за да помогнат во неговата примена“, вели американската државна секретарка во изјавата.

САД ја поздравуваат и заложбата на Косово дадена при прогласувањето независност за примена на планот на Ахтисари, за прифаќање на мултиетничка демократија како фундаментален принцип на доброто владеење, како и прифаќањето на одреден период на меѓународна контрола. Во изјавата стои и дека „необичната комбинација на фактори во косовската ситуација - вклучувајќи го и контекстот на распаѓање на Југославија, историјата на етничко чистење и злосторства против цивилите на Косово, како и подолгиот период под управа на ОН – не може да се најдат на друго место и оттаму го прават Косово посебен случај“. На Косово не може да се гледа како на преседан за која и да е` друга ситуација во светот денес, се заклучува во изјавата од Стејт департментот.

САД воедно го реафирмираат пријателството со Србија, за која наведуваат дека била сојузник за време на двете светски војни. Вашингтон ги повикува српските лидери да соработуваат со САД и американските партнери на остварување на заеднички цели, како заштитата на правата, безбедноста, културата и одржувањето на српската заедница на Косово.

Во време кога Косово започнува да живее како независна држава, САД ветуваат дека и натаму ќе бидат негов близок пријател и партнер, стои на крајот на изјавата на државната секретарка Рајс со која САД ја признаа независноста на Косово.

XS
SM
MD
LG