Линкови за пристапност

Американски експерти за импликациите од независноста на Косово


Во Институтот „Американ Ентерпрајс“ во Вашингтон поранешниот амбасадор на САД во ОН Џон Болтон и директорот на Проектот „Демократии во транзиција“ Брус Џексон во петокот изнесоа размислувања за евентуалните импликации од независноста на Косово по американската надворешна политика и регионот.

Процесот на признавање на незавиноста на Косово е неповратен, ќе биде мачен во првите неколку месеци, но тоа е патот кон ЕУ за обете страни, смета Брус Џексон.

- Косово живееше во економска изолација, без можност за економски развој – оттаму и упорното присуство на криминалот. Без помошта од меѓународната заедница, тие не можеа да излезат од таа изолација. Крајна гео-политичка цел од планот на Ахтисари е европска интеграција. Тоа е причина зошто Европската унија оди во таа насока и ќе се обиде да ги стави двете земји на брза патека.

Поранешниот американски амбасадор во ОН Џон Болтон предупреди дека новата независна држава на Балканот би била подложна на влијание од богатите исламски земји. За него, независноста на Косово ќе значи и охрабрување на малцинствата од други држави, кои не сакаат да живеат во нив, да добијат на гласност како во регионот, така и ширум проблематичните области во светот:

- Не велам дека сум за Србија или против косовските Албанци. Фактот дека начинот на кој ова беше водено, мислам дека ја зголеми напнатоста, наместо да ја намали, со тоа водејќи кон ризик за нестабилност во иднина, поголема отколку да се проговараше во следните 12 месеци.

Џексон го бранеше ставот дека независноста на Косово е постигнување балкански мир по европски рецепт. Планот на Ахтисари е дизајниран од Европа и за безбедноста на Европа, смета Џексон. Болтон не одговори директно на прашањето како ја гледа Србија и Косово во следните 10 години, велејќи дека тоа не може да се каже со сигурност.

XS
SM
MD
LG