Линкови за пристапност

Буш бара продолжување на програмата за прислушкување


Претседателот Буш врши притисок на Претставничкиот дом на Конгресот брзо да го обнови важењето на контроверзниот закон со кој на американските разузнавачи им се дозволува да мониторат комуникации на осомничени терористи без судски налог. Важењето на постојниот закон престанува за една недела.

Претседателот Буш вели дека животите на безброј Американци зависат од можноста американските разузнавачки агенти да следат комуникација на осомничени терористи:

-Во овој момент, некаде во светот терористите планираат нови напади на нашата земја. Нивна цел е да донесат уништување на нашите брегови што 11 септември ќе го направи бледо сеќавање во споредба со тоа.

Сенаторите во вторникот гласаа за обнова на владината програма за прислушкување, вклучувајќи и контроверзна одредба што ќе ги заштити телефонските компании од судско гонење за нивната улога во обезбедување податоци за владата.


Претседателот Буш за одредбата вели дека е фер и оправдана.


-За да бидеме во состојба да откриеме планови на непријателот , ни треба соработка од телекомуникациските компании. Ако овие компании се подложат на судски постапки тоа ќе ги чини милиони долари, и нема да соработуваат. Нема да ни помогнат. Нема да помогнат да се заштити Америка.

Сепак, Демократите во Претставничкиот дом сакаат повеќе време и повеќе информации за контроверзната програма пред да се согласат на ретроактивен имунитет.


Претседателот вели дека ќе стави вето на секое привремено продолжување на важењето на законот. На сегашниот закон важењето му истекува во петок.

XS
SM
MD
LG