Линкови за пристапност

Милошоски:  Силна американска поддршка за членство, очекуваме разумно однесување од Атина


Глас на Америка на македонски: Министре Милошоски, само што завршивте со средбата со американскиот државен секретар Кондолиза Рајс. Дали од САД добивте гаранции дека на Самитот во Букурешт ќе се заложат Македонија да добие покана за членство во НАТО?

Милошоски: Нема држава-членка на НАТО која посилно го поддржува зачленувањето на Република Македонија во НАТО и на целата Јадранска група. Затоа бевме задоволни што таа поддршка соодветствува со нашите стратешки односи со САД, со нашите односи со нив кога зборуваме за Авганистан, за Ирак, за прашањата во регионот, за сите оние прашања кои се од заеднички интерес.

Глас на Америка на македонски: Што во случај на грчко вето? Дали на средбата со Рајс стана збор за ова?

Милошоски: Ние ќе се потрудиме, што е во наша моќ, а претпоставувам и Вашингтон, до тоа да не дојде, затоа што проширувањето на НАТО е еднакво на успех. Македонија, Хрватска и Албанија во НАТО ќе значат успех и за НАТО, и за регионот, и за Грција, во секој случај, и очекуваме разумно однесување од страна на Атина.

Глас на Америка на македонски: Што, во моментов, е најголемото нешто што стои на патот на Македонија да добие покана за НАТО – довршувањето на реформите, разликите околу името, или нешто трето?

Милошоски: Со реформите сме на многу добар пат. Мислам дека сме земја која може да смета дека е квалификувана за членство. Ризичниот фактор е однесувањето на владата во Атина, која може наместо приоритетите на НАТО, пред себе да си ги постави своите внатрешно-политички и домашни приоритети.

Глас на Америка на македонски: Во медиумите деновие се појавија најави дека или посредникот Нимиц, или САД ќе излезат со нов предлог во врска со името? Ваша реакција?

Милошоски: Мислам дека кога разговараме на таа тема, господинот Нимиц е вистинската адреса. Јас не би си ја презел неговата улога и сметам дека е најдобро тој да даде коментар за таквите можни варијатни.

Глас на Америка на македонски: Ваш коментар на изјавата на грчкиот министер за одбрана Евангелос Меимаракис на средбата во Минхен дека, парафразирам, Грција ќе ја води битката за името и ќе ја добие?

Милошоски: Во однос на изјавата на господинот министер за одбрана Меимаракис, како министер за одбрана на Грција и како министер за одбрана на земја-членка на НАТО, ние ќе беме многу позадоволни да слушневме од него како сите ние заедно можеме да ја добиеме битката во Авганистан. НАТО не е за именување на земји, НАТО е нешто многу повеќе, и очекуваме од Грција да се однесува посериозно во овој контекст.

XS
SM
MD
LG