Линкови за пристапност

САД негираат дека ќе дадат нов предлог за името


Американската влада ги демантираше тврдењата во грчкиот печат дека ќе излезе со нов предлог за решавање на разликите во врска со името меѓу Република Македонија и Грција.

„Нема таков предлог“, изјави за Гласот на Америка на македонски Чејс Бимер, претставник за печат во Европското биро на Стејт департментот, коментирајќи ги наводите на грчкиот весник Катимерини дека американскиот државен секретар Кондолиза Рајс на претстојната средба со грчката колешка Дора Бакојани на 14 февруари во Вашингтон ќе и` претстави предлог што содржи сложено име за Македонија за употреба во односите со Грција и во меѓународните организации, додека уставното име би се користело во билатералните односи со други држави. Бимер вели дека американскиот став е непроменет:

- Го поддржуваме процесот на Нимиц, и натаму ги поттикнуваме обете страни да изнајдат спогодба за спорот околу името во рамки на разговорите со посредство на ОН. Ќе поддржиме секаков компромис на кој страните ќе се договорат.

Што, тогаш, ќе се разговара на средбата Рајс-Бакојани?

Претставникот на Стејт департментот воопштено наведува – за целосниот обем на билатералните прашања меѓу САД и Грција. Бимер воедно не очекува спорот околу името да биде пречка за евентуалната покана за Македонија на самитот на НАТО во Букурешт во април:

- Не сметаме дека овие разлики треба да ги попречат аспирациите на Република Македонија натамошно да се интегрира во евро-атлантската заедница.

Но, Бимер не сакаше да коментира каков би реагирале САД на евентуалното вето од страна на Грција, со образложение дека се работи за хипотетичка ситуација.

XS
SM
MD
LG