Линкови за пристапност

Клинтон победи во Калифорнија, кампањата продолжува


Од супер-вторникот, на републиканска страна, сенаторот Џон МекКеин излезе поблиску до номинацијата од неговата партија, иако Мит Ромни, неговиот главен конкурент во истата таа вечер најави дека неговата кампања не е ни близу до завршена.

Во таборот на Демократите, до последен момент се чекаше на исходот во Калифорнија за да се прогласи победникот меѓу сенаторот Хилари Клинтон и сенаторот Барак Обама. Конечно победата ја однесе Клинтон, што сепак, на збунетост на многумина, не и донесе голема предност.

Американците излегоа на гласање во повеќе од 20 држави, обезбедувајќи значајни победи за претседателските кандидати.

Хилари Клинтон доби некои од државите богати со делегати, вклучувајќи ги Њујорк и Арканзас, каде нејзиниот сопруг, поранешниот претседател Бил Клинтон, беше гувернер. Но таа исто така го доби и Масачусетс и покрај фактот што сенаторот Едвард Кенеди го поддржа Обама. Клинтон забележа победи и Њу Џерси, Тенеси и Оклахома.

Барак Обама ја доби својата држава Илиноис, но и Џорџија, Алабама , Делавер, Конетикат, Минесота, Северна Дакота, Канзас и Аласка. Иако Клинтон победи во државите со најголем број делегати, Обама сепак доби голем број од тие делегати зашто Демократите ги даваат делегатите пропорционално на гласовите за секој кандидат.

Најголемата награда од супер-вторникот сепак беше Калифорнија што отиде кај Хилари Клинтон.

На Републиканска страна , ова беше многу добар ден за Џон МекКејн кој на самиот почеток на гласањето доби седум држави. Поранешниот гувернер од Арканзас, Мит Ромни, победи во својата држава и во Западна Вирџинија. Последнава беше сцена на интересна политичка игра. Кога кампањата на МекКеин виде дека не стои добро во Западна Вирџинија во првиот круг, ги мобилизира своите гласачи во вториот круг на гласање да се свртат кон Хакаби. Хакаби победи со тие комбинирани гласови, а најголем губитник беше Мит Ромни кој не доби доволно гласови за победа.

Ова беше вечер кога не се спиеше, а кандидатите не ги оставија своите поддржувачи ни во моментите додека се очекуваа резултатите. Секој од нив се појави во седиштето на својата кампања, најчесто со семејството, со говор полн со ентузијазам, иако никој од нив не вети ништо, не прогласи ништо, не кажа ништо ново. Големите очекувања дека супер вторникот ќе биде практично крај на националната кампања, се покажа дека не се точни. Кампањата продолжува.

Следниот натпревар ќе биде во сабота кога Луизијана ќе ги одржи прелиминарните избори , Републиканците од Канзас ќе имаат кокуси – друг вид на партиски собири на кои ќе гласаат, а демократите ќе одржат кокуси во Небраска и државата Вашингтон. Процесот на селектирање кандидати за секоја партија ќе кулминира на националните конвенции – за Демократите во Денвер, на крајот на август, а за Републиканците во Минеаполис на почетокот на септември.

XS
SM
MD
LG