Шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски вчера беше во официјална посета на Париз, каде се сретна со шефот на француската дипломатија, Бернард Кушнер. На средбите, како што јави Министерството за надворешни работи, станало збор за евро-атлантските интеграции. Една од главните теми бил и претстојниот самит на НАТО во Букурешт од кој Македонија очекува покана за членство, но од друга страна стравува дека Грција може да ги реализира заканите да стави вето доколку не се направи компромис за името. На оваа тема неодамна во Париз со шефот на француската дипломатија разговараше и министерката за надворешни работи Дора Накојани. Во таа прилика, Грција доби поддршка за нејзините позиции од официјален Париз. По вчерашната средба со Кушнер, Милошоски во изјава за ТВ Канал 5 изрази оптимизам за ставот на француската диплоамтија во однос на Македонија:
- Од изјавите на господинот Кушнер може добро да се забележи дека тоа прашање, кое во Атина има централна важност и се злоупотребува за дефокусирање во нивната внатрешна политика, во Париз таа важност ја нема. Беше оценето дека тоа е еден билатерален спор на кој треба да се работи, за кој секој би бил среќен да се најде одредено решение, но дека сепак во моментот оние важни и реални предизвици, како што е прашањето на Косово и проширувањето на НАТО, се многу поважни и одземаат многу поголем дел од вниманието на земјите-членки на НАТО, изјави Милошоски. Тој во Париз беше придружуван и од поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева. Митрева изјави дека ова е гест со кој опозицијата ја манифестира поддршката што и` ја дава на владата во напорите за интгерирање во НАТО и ЕУ.