Линкови за пристапност

Владата вети дека ќе бара решение за стечајците


-Уште еднаш сакам да потврдам дека премиерот Никола Груевски и неговата Влада нема да ги лажат овие луѓе, нема да им даваат лажни ветувања и се разбира нема да предлагаат решенија за коишто знаеме дека ќе паднат на првата кривина. Од овие причини ќе бараме решение во рамки на Уставот, во рамки на законите и во рамките на можното што го имаме во Република Македонија, истакна портпаролот на Владата Ивица Боцевски, откако синоќа без конкретен исход, заврши средбата меѓу премиерот Никола Груевски и претставниците на стечајните работници со над 25 години работен стаж и нерешен социјален статус.

Според Боцевски, Владата ќе работи на тоа да се изнајде решение за оваа категорија на луѓе:

-И минатиот пат кога имавме ваква средба јас го пренесов ставот на Владата, сега само ќе го повторам и ќе потврдам дека Владата наполно сочувствува со ситуацијата на овие луѓе кои беа неправедни жртви во процесите на уште понеправедната македонска транзиција. Владата ќе се труди и во иднина да изнајде решение за оваа категорија на населението, решение во рамките на Уставот и на законските норми, беше дециден портпаролот Боцевски, според кого, кога ќе се најде адекватно решение, Владата ќе ги повика претставниците на стечајните работници да се усогласат околу деталите.

На вчерашната средба, покрај премиерот Груевски присуствуваа и вицепремиерот Зоран Ставрески, министерот за финансии Трајко Славески, министерот за труд и социјална политика Љупчо Мешков, заменик-министерот за економија Киро Спанџов и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска.

Стечајните работници со над 25 годишен работен стаж, кои полни 11 месеци живеат во шатори пред Собранието, вчера ги радикализираа протестите – блокирајќи го сообраќајот пред Собранието, Владата и пред Судската палата во Скопје и барајќи да се изнајде законско решение со кое ќе се реши нивниот проблем. Тие и` предлагаат на Власта - да се реши нивниот статус преку донесување закон со кој би добивале месечен паричен надомест преку Агенцијата за вработување до следно вработување.

XS
SM
MD
LG