НАТО на претстојниот Самит во Букурешт има шанса да го цементира мирот на Балканот со прием на земјите од Јадранската група, смета Брус Џексон, претседател на Проектот - Демократии во транзиција и поддржувач на проширувањето на Сојузот.
„Од претстојните одлуки на Самитот во Букурешт, одлуката да се поканат Албанија, Хрватска и Македонија да се приклучат на НАТО е една од најважните. Ќе постави основа во Југоисточна Европа за натамошна интеграција. Тоа е еден вид на почеток на постојан мир на Балканот. Овие три земји се апсолутно клучни за тоа“, вели Брус Џексон за Гласот на Америка на македонски.
За критиката дека НАТО го спуштил критериумот за влез на балканските земји, Џексон, исто како и во својот коментар објавен во вчерашен Вашингтон Пост, оценува дека тоа не е точно, ако се земе в предвид колку веќе е постигнато. Македонија, вели тој, го спроведува Рамковниот договор и практично е стожер на стабилноста на југот на Балканот:
- Повеќе не е прашање дали Македонија и нејзините партнери треба да добијат покана за членство во НАТО, туку следниот чекор треба да биде фокусирање на ЕУ со потпишување на документи со кои Македонија ќе биде вклучена во процесот. Хрватска води на патот кон ЕУ, но може да се приклучат и други земји, како Македонија.
За можноста да се одложи поканата за членство во НАТО на Самитот во Букурешт за која и` да е земја од Јадранската група, Џексон коментира:
- Според нас нема таква можност. Се` уште не` загрижува тоа што Македонија и Грција не можат да постигнат решение за она што Американците го сметаат за потполно смешна расправија. Америка ја призна Република Македонија под уставното име и не гледам причини зошто ова упорно трае. Очигледно, Македонија мора да покаже големо чувство за вознемиреноста на Грција, но сите земји - Романците и Унгарците, Чесите и Германците, Французите и Германците – во Европа историски има анксиозности што треба сериозно да се решат. Не мислам дека тоа е пречка за прием во НАТО, милам дека нема никаква врска со тоа, но сепак, останува како потсетување за Македонија дека има историски прашања за кои треба да покаже чувство, вели Брус Џексон.