Иран го инаугурираше својот прв вселенски центар и лансираше нова ракета за која вели дека е дизајнирана да понесе истражувачки сателит од иранско производство во орбитата.
Иранската државна телевизија го покажа претседателот Махмуд Ахмадинеџад како дава наредба да се лансира ракетата, наречена Explorer-1.
Тој рече дека тоа е џиновски чекор во служба на човештвото и за иранскиот прогрес.
На телевизиската снимка се гледа ракета како се упатува кон небото. Мал објект може да се забележи како се спушта со падобран долу на земјата, но не е јасно што е тоа.
Иранските медиуми известуваат дека ракетата отишла во вселената но не специфицираат која височина е постигната. Минатиот февруари Иран лансираше друга ракета што стигна до работ на вселената, но не отиде доволно далеку од Земјата за да влезе во орбитата.
Иранската телевизија кажа дека ракетата Explorer-1 е способна да понесе сателит. Претседателот Ахмадинеџад исто така го претстави првиот сателит од домашно производство, наречен Omid, или Надеж. Државната новинска агенција IRNA кажа дека Иран има намера да го лансира сателитот на ракета исто така од домашно производство за нешто повеќе од една година.
Аналитичарите остануваат скептични за тоа дали иранските способности се толку напреднати како што се тврди. Мохамед Абдел Салам е специјалист за непролиферација во Центарот за политички студии Ал-Ахрам во Каиро.
Тој кажа дека не е јасно дали Иран навистина има капацитет да лансира сателит за една година, и дека тоа би била голема цел за да се постигне.
Иран работи на вселенска програма неколку години. Во 2005 лансираше сателит од руско производство на руска ракета.
Иран вели дека новиот вселенски центар е посветен на изградба и лансирање истражувачки сателити. Лоциран е во пустината во северната провинција Семнан.
Во Вашингтон, портпарол на Белата Куќа за лансирањето на ракетата рече дека „за жал, ќе го изолира Иран натамошно од меѓународната заедница“.
Американски и европски претставници изразија загриженост за развојот на иранската ракетна програма, особено во комбинација на со програмата за збогатување на ураниум. Технологијата што е потребна за лансирање на ракети во вселената е иста како онаа за лансирање на балистички проектили што може да бидат употребени за носење нуклеарно оружје. Иран соопшти дека обете програми се мирољубиви.